Бугарите за една работа се делумно во право. Комунизмот во Македонија не е жив! Жив е псевдо-комунизмот! Уште пострашно, жив е неговиот затворен ум кој сѐ уште владее во врвот на македонската политичка елита. Најдобра потврда на изнесенава теза се ставовите на премиерот Ковачевски. Олицетворение на политички комесар!
На самитот на социјалистичките партии во Европа, според медиумите изјавил: „… Го споменав растечкиот популизам во Европа. Но, популизмот расте многу побрзо во Западен Балкан. Политичката партија Левица нема никаква врска со левичарите, тие се повеќе десница. Тие се агентите на хаосот, тоа е единствено го прават, да создадат хаос во земјата. Тие се уште поопасни затоа што ги имаат земено ВМРО-ДПМНЕ како заложници. Конзервативната ВМРО-ДПМНЕ се натпреварува за радикализам со Левица…“. И останал жив! Без срам и перде, без никаков морал излегува на говорница и плука по свои македонски политички партии. Партии зад кои стојат гласачи. Зад кои стојат државјани на Република Македонија. Во неговиот затворен комунистички ум тој ги збркал лончињата. Чиниш отишол на средба на комунистичката интернационала, а не на средба на социјалдемократски партии. Тоа што ме чуди е како во неговиот говор не ги повикал шведските социјалдемократи да ја забранат победничката крајно десна и расистичка партија. Зошто не побара и од италијанските социјалисти новата премиерка да ја протераат, или француската крајно десна партија да ја исклучат од парламентот. Тие не само што прават, според неговата логика, хаос во своите држави, туку и во Европската унија. ВМРО-ДПМНЕ и Левица се гола вода за нив!
Да биде приказната уште посрамна за Македонија, нашиов политички комесар ја кине уште позелена. Тој констатира: „… Блокадите на Собранието и на демократските процеси за напредок кон ЕУ се блокада на европските вредности…“. Кутриот Макрон! Да го знаеше ова немаше да донесува буџет со вонредни уставни процедури. Ќе ја повикаше Европската унија да се пресмета со француската опозиција, како што го прави Ковачевски. ,„… ЕПП во овие соѕвездија не можат да бидат обични неми набљудувачи. Затоа што загрозувањето на европскиот начин ги загрозува европските вредности. Да направиме заеднички напори да не дозволиме трети страни да имаат корист, да ги загрозат европските вредности и да го загрозат европскиот кредибилитет. ЕУ мора да биде јасна и гласна пред сите страни кои го попречуваат или блокираат европскиот пат на земјата…“. Кажано со обични народски зборови тој, премиер на Македонија, отворено повикува на мешање во внатрешните работи на својата држава, а со цел кршење на волјата на македонските гласачи.
За волја на вистината ова не е негова уникатна изјава. Министрите од ДУИ како наследници на старите добри комунисти ова постојано го повторуваат. Тука, всушност, лежи еден од најголемите проблеми на Македонија. Со неа владее псевдо-комунистичка елита. Елита којашто, како и старите комунисти, е убедена дека само нејзините ставови се исправни и ја водат државата во светла иднина. Елита која постојано измислува непријатели и ги етикитира. Со една разлика. Старите комунисти лажно се колнеа во светлата комунистичка иднина и во тоа име се пресметуваа со своите идеолошки непријатели. Нашиве псевдо-комунисти тоа го правата колнејќи се во светлата европска иднина. Чисти измамници! Малку од малку да имаа патриотски чувства, малку од малку да веруваа и да посакуваа светла европска иднина на својата држава, тие самите ќе се пресметаа, да речеме, со криминалот и корупцијата. Нема да дозволеа САД, од свои причини, да испраќа експерти за утврдување на носителите на висока корупција.
Тајната на македонскиот неуспех лежи во феноменот на изборот на луѓето со затворен ум на највисоките државни позиции. Поединци кои во суштина немаат во себе ни „Е“, од европски вредности, но се доволно неморални да ги лажат неуките и сиромавите. А тие сочинуваат добар дел, ако не и најголем, од македонското избирачко тело. Потврда за изнесеново не треба да се бара преку некои длабоки анализи. Доволен е податокот дека владата не воведе прогресивен данок. Тоа е најголем доказ дека на власт во Македонија не се социјалдемократи, туку псевдо-комунисти. Измамници!
Доволно свесна дека таа измама лесно се открива, таа применува тактика која во најмала рака може да се дефинира како сервилност. За да остане на власт и на тој начин да ги остварува своите лукративни интереси, таа елита прифаќа сѐ што ќе побараат странците, понижувачки за нив, наречени „наши стратешки партнери“. Прифатија промена на името, прифаќаат промена на историјата само и само да останат на власт, убедувајќи ги неуките и сиромавите дека сме на чекор од светлата европска иднина. Иднина која станува сѐ подалечна и подалечна. Задоволувајќи ги бесприговорно краткорочните и среднорочните геополитички интереси на „нашите стратешки партнери“ тие безмилосоно го дробат националното ткиво, а со самото тоа ја дробат и нашата европска иднина. Во право била американската амбасадорка кога не верувала дека ќе го сменат името на државата. Смената на името нѐ одалечи од Европската унија. Прифаќањето на бесмислените бугарски барања, Унијата ќе ја направат недостапна за нас. Во вакви услови само будала или псевдо-комунист може да повикува на национално обединување за исполнување на европските критериуми. Уште поголема будала ќе биде тој што ќе прифати да се обедини со премиер кој отворено ги повикува странците на мешање во нашите внатрешни работи. Само и само да ја елиминира опозицијата и да го смени Уставот. Да ги прифати бугарските барања, кои не се дел од Договорот, но ќе им донесат поени на псевдо-комунистите.
Елиминирањето на оваа псевдо-комунистичка група е една работа. Елиминирањето на можностите за појава на некоја нова или, не дај Боже, обнова на старата е друга. Тоа не може да се постигне без радикални промени на целиот политички систем. Без негово прилагодување и усогласување со нивото на општото образование на населението. Корупцијата во Македонија е константа. Корумпирани премиери и министри се константа. Нефункционален парламент е, исто така, константа. За локалната самоуправа муабет не требе да се прави, исто како и за јавните претпријатија. Севто ова, но и многу други нешта, јасно зборува. Политичкиот систем на Република Македонија е нефункционален. Исто како што е и образованието. Оттука многу подобро би било да се размислува за редефинирање и реформирање на овие две сфери, отколку да се лаже за светла европска иднина. Без длабоки и болни засеци во политичкиот систем и образованието, нема да можат да се елиминираат псевдо-комунистите и останатите идеолошки измамници. Без нивно елиминирање сонот за членство во Европската унија ќе остане неостварен. Всушност,нво Македонија нема да има кој да го сонува.
Автор: проф. д-р Јован Донев советник/редовен професор Институт за национална историја, за НетПрес