Психолог објасни зошто Суарез гриза

Познатиот спортски психолог Том Фосет за „Би Би Си“ даде стручна анализа за однесувањето на Луис Суарез. Фосет истакнува дека Уругваецот се губи во одредени моменти на теренот, посебно кога е под голем психолошки притисок, а тоа е реакција на тешкото детство што го имал на улиците во Уругвај.

„Со оглед на тоа дека оваа постапка на Суарез се случила веќе во минатото, многу веројатно е дека може да се повтори. Тој помина неколку сеанси кај психолог откако го направи тоа во дуелот со Ивановиќ, но очигледно дека ниту тоа не му помогна да ја искорени својата навика“, вели психологот.

Фосет додава дека Суарез се губи на теренот во моменти кога самиот натпревар носи голем психолошки притисок.

„Во периодот кога се формира личноста, многу се важни факторите од надворешната средина. Ако се погледне малку подобро детството на Луис Суарез, станува јасно дека тој израснал во лоша средина и дека се борел за да преживее низ улиците на Уругвај“, вели психологот на Суарез.

Играчот на Ливерпул е роден како четврто од седумте деца во семејството. На седумгодишна возраст тој заедно со семејството се сели во Монтевидео во потрага по подобар живот, а само две години подоцна неговите родители се разделиле.

Суарез заедно со своите браќа буквално израснал на улица, каде и ги научил фудбалските вештини.