ПСК „Осогово“ домаќин на Светскиот ден на планината, а ќе се одбележи на Пониква

Годинава Светскиот ден на планината ќе се одбележи на Пониква во организација на Федерацијата на планинарство и Планинарско спортскиот клуб Осогово.

„Постои светски тренд на што помасовно одбележување на Светскиот ден на планината од страна на планинарите и борците за заштита на природните богатства и биодиверзитетот. Логично е Македонија да биде дел од оваа иницијатива, со оглед на тоа дека сме меѓу првите земји во светот по покриеноста на државната територија со планини. Освен од спортски, планинарски, аспект, ние сакаме да ставиме акцент и на заштитата на биодиверзитетот на Осогово, како заштитено подрачје, вели Стојка Иванова Антова, планинарски водич и организатор и секретар во ПСК Осогово.

Федерацијата на планинарство има предвидено масовен планинарски марш.

„Ќе се движиме по кружна планинарска патека, каде првиот дел е претежно низ шума, а вториот дел е отворен. Патеката води до врвот Панаѓур со 1669 метри, кој е највисоката точка на Пониква. Патеката е со должина од 7 км, елевација 300 метри, и вкупно пешачење од 4 часа“ додава Иванова Антова.

Планинарскиот клуб Осогово е меѓу најуспешните во државата, чии членови ги имаат искачено највисоките врвови во Европа, Африка, Аљаска и Јапонија.