Во најголемото дерби на француското фудбалско првенство, актуелниот шампион Пари Сен Жермен како гостин го совлада Олимпик Марсеј со 2:0 (0:0), задржувајќи го стопроцентниот учинок и по единаесетте првенствени кола.
Париските „светци“ во водство ги донесе Килиан Мбапе во 65 минута, од брз противнапад, а конечниот резултат го постави Дракслер дури во последната петта минута од судиското продолжение.
ПСЖ сега има 33 бодови, осум повеќе од второпласираниот Лил, додека Марсеј е петти со 19 бодови.
Бордо на свој терен беше поразен од Ница, со голот на Сиприен во 54 минута. Двата клуба сега имаат по 14 бодови, со тоа што поради гол-разликата Бордо е осми а Ница е десетта.
Во првиот неделен дуел Ремс со головите на Оден во 16 и 53 минута славеше на гости кај Рен, кој остана со 12 бодови сега на 14 место. Ремс пак се искачи на деветтот место со 14 бодови.