Во дербито од 10-то коло на француското фудбалско првенство Олимпик Марсеј и Пари Сен Жермен на стадионот „Велодром“ одиграа без победник 2:2, а гостите изедначија со голот на Единсон Кавани од слободен удар во втората минута од судиското продолжување.
Неколку минути го делеа Марсеј од првата победа против ПСЖ во последните шест години. Меѓутоа, одличниот гол од слободен удар на Уругваецот Единсон Кавани од прекин го стивна „Велодром“. Олимпик последен пат го совлада ПСЖ во ноември 2011 година, а потоа во 14 мечеви забележа 12 порази и две нерешени исходи, при што ги загуби петте последни натпревари пред своите гледачи.
Марсеј поведе во 16 минута со извонредниот гол на Луиз Густаво со удар од повеќе од 25 метри, но во 33 минута изедначи Нејмар со својот седми гол сезонава. Во продолжението ПСЖ доминираше, и кога се чинеше дека гостите ќе дојдат до нова победа, во 78 минута Флориан Товен го доведе домашните во ново водство. Најзаслужен за голот беше Клонтон Н’Џие кој го надмудри Адриен Рабоа крадејќи му ја топката а потоа ја нафрли пред голот на ПСЖ каде што најдобро се снајде Товен.
Во 87 минута ПСЖ остана со играч помалку, бидејќи Нејмар за само две минути доби два жолти картона. Бразилецот прво „пожолти“ во 85 минута поради прекршок, а две минути подоцна подлегна на провокација и откако го турна Окампос беше исклучен. Но тој момент можеби и беше среќен за париските „светци“, имајќи предвид дека Нејмар ја има предноста при изведувањето на слободните удари. Кога се чинеше дека Олимпик ќе ја прекине црната серија против ПСЖ, од слободен удар Кавани со својот деветти гол сезонава на гостите им обезбеди еден бод.
Во претходно одиграниот натпревар Лион на гостувањето со 5:0 ја декласираше Троа, а головите ги постигнаа Бертран Траоре во 21, Мемфис Депеј со хет-трик во 49, 6 и 70 минута од пенал, а Мариано беше прецизен во 90 минута. Домашните од 60 минута играа без исклучениот стопер Кристоф Ерељ.
Ница продолжува со лошите резултати, и дома беше поразена од Стразбур со 1:2, што е трет лигашки пораз со ред, и четврти во сите натпреварувања, Двата гола за гостите ги постигна Нињо да Кошта, во 23 и 49 минута, додека за домашните од пенал погоди во 54 минута Пјер Лес-Мелу.
На табелата води ПСЖ со 26 бодови, Монако е втор со 22, а Нант изненадува со третото место и 20 бодови, Следат Лион со 19 и Марсеј со 18 бодови.