Францускиот фудбалски шампион ПСЖ покажа голем интерес за крилниот напаѓач на Манчестер Јунајтед, Џејдон Санчо.
ПСЖ сѐ уште не се откажува од идејата да го ангажира нигерискиот напаѓач Виктор Осимхен од Наполи, но клупските челници започнаа нова акција. Како што објави Foot Mercato и потврди L’Equipe, парискиот клуб веќе неколку дена преговара за доведување на 24-годишниот играч на Манчестер Јунајтед.
Санчо минатата сезона ја мина на позајмица во Борусија Дортмунд, каде повторно го сврте вниманието кон себе со одличните игри, по лошиот период на „Олд Трафорд“. Се шпекулира дека „Црввените ѓаволи“ би можеле да бараат околу 50 милиони евра за играчот кој го купија од Борусија во 2021 година за 85 милиони евра.
Санчо досега има 23 настапи за селекцијата на Англија, но не се најде на списокот на учесници за Светското првенство во 2022 година во Катар, како и за Европскиот шемпионат овој јули во Германија.
Што се однесува до трансферот на Осимхен на „Паркот на принцовите“, преговорите меѓу двата клуба не напредуваат. ПСЖ им понуди на Италијанците во операцијата да го вклучат и корејскиот играч за врска Ли Канг-ин.
Сепак, водството на Наполи засега молчи. Договорот на нигерискиот напаѓач со Наполи истекува во 2026 година.