Фудбалска Европа ги доби првите два полуфиналисти во Лигата на шампионите, а тоа се двата тима кои имаа негатива по првите два четвртфинални натпревари одиграни во Париз и Мадрид.
Барселона и Атлетико Мадрид извојуваа важни победи над ПСЖ и Борусија Дортмунд, но вечерва потклекнаа во најважен момент и а крајот патници меѓу завршните четири екипи се ПСЖ и Борусија Дортмунд.
Во дербито на вечерта, Барса повторно подобро отвори со ПСЖ и поведе со голот на Рафиња, а кога изгледаше дека се е на страна на каталонците, следеше студен туш на „Монжуик“.
Араухо направи непотребен прекршок во дуел еден на еден со Баркола и доби црвен картон, па од тој момент целосно се смени текот на целиот меч и на крајот ПСЖ максимално профитираше од тоа што играше со човек повеќе на теренот. Уште до крајот на полувремето, ПСЖ израмни на 1:1 преку Дембеле, а на стартот на вториот дел Витиња погоди за 1:2 и во тој момент беше 4:4 кога е во прашање вкупниот резултат.
Во моментите на голема нервоза, црвен картон заработи и Чави Ернандес, но уште полоша вест дојде во 61-та минута кога Кансело направи пенал над Дембеле. Мбапе ја презема одговорноста и погоди за 1:3, па Барселона фрли се на една карта во напад во обид да дојде до продолженија. Левандовски имаше две убави шанси за такво нешто, но кога не ги искористи, Мбапе казни на спротивната страна и со втор гол го реши патникот во полуфиналето (1:4).
На натпреварот во Дортмунд, Борусија отвори фуриозно и заслужено поведе со 2:0 по првиот дел, но головите на Бранд и Матсен сепак не беа одлучувачки за полуфинале. Атлетико се врати на стартот на вториот дел со автоголот на Хумелс и голот на Кореа, па иако се чинеше дека Шпанците сега се блиску до полуфинале, Германците уште еднаш покажаа карактер и дадоа уште два гола.
Филкруг погоди за 3:2, а Забицер ги постави конечните 4:2 за огромно славје на „Сигнал Идуна парк“ и прво полуфинале за Борусија во Лигата на шампионите после 11 години.