Лидерот на каталонските сепаратисти Карлес Пуџдемон во средата објави дека ќе се врати во Шпанија по седум години минати во егзил, каде најверојатно ќе биде уапсен поради обидот да прогласи независност на Каталонија на чие чело беше во 2017 година.
Неговото апсење и потенцијалниот истражен притвор би можеле повторно да ги разгорат тензиите во Каталонија и да ѝ наштетат на кревката владејачка коалиција предводена од социјалистите, која зависи од усвојувањето закони од партијата Junts (JxCAT – Заедно за Каталонија) на Пуџдемон.
Каталонската сепаратистичка партија ја условува поддршката за владата на социјалистичкиот премиер Педро Санчез со законот за амнестија одобрен од шпанскиот парламент во мај. Тој го овозможи враќањето на Пуџдемон од Белгија со поништување на правните постапки против стотици сепаратисти кои беа дел од нелегалниот референдум за независност на Каталонија.
Но, шпанскиот Врховен суд минатиот месец пресуди дека амнестијата не може да се однесува на обвинението за проневера односно користење на средства на покраината за спроведување на референдумот против Пуџдимон, и дека налогот е сè уште валиден.
Тој сепак инсистира да присуствува во каталонскиот парламент на полагањето заклетва на новиот челник на автономниот регион по мајските избори на кои Пуџдемон беше втор. Пуџмонт во средата изјави дека ќе остане на зборот и дека во четврток ќе биде во Барселона.
„Го започнав моето патување назад од егзил“, напиша тој на платформата X, додавајќи дека ќе учествува на седницата во четврток на која каталонскиот социјалистички лидер Салвадор Ила ќе стави крај на повеќе од една деценија владеење на сепаратистичките партии.
Поддржувачите на Пуџдемон планираат да се соберат во четврток во Барселона пред регионалниот парламент. Ниту тој, ниту партијата Junts во средата не сакаа да откријат дали тој веќе влегол во Шпанија.