Пучистите го протера францускиот амбасадор од Нигер

Воениот врв кој на 26-ти јули ја презема власта во Нијамеј, незадоволен од водството на претседателот Мохамед Базум, му одреди во петокот 48 часа на францускиот амбасадор во Нигер да ја напушти земјата, соопшти нигерското Минситерство за ндворешни работи.

„Поради одбивањето на францускиот амбасадор во Нијамеј да одговори на повикот на Министерството за разговор (во петокот) и поради другите постапки на француската влада кои се против интересите на Нигер, … одлучија да го повлечат агреманот издаден на Силвен Ито и да го повикаат за 48 часа да ја напушти територијата на земјата“, се истакнува во соопштението.

Оваа одлука доаѓа по низата изјави и протести против Франција, до 1960-те години колонијален владетел, откако на 26-ти јули нигерскиот воен врв го собори од власт претседателот Мохамед Базум и ставајќи го во домашен притвор со дел од неговото семејство, обвинувајќи го за осиромашување на Нигер и никакво справување со џихадистичкиот бунт во кој гинат многу цивили и припадници на војската.

Франција, којашто во Нигер има 1.500 војници од кои дел беа протерани од соседните Буркина Фасо и Мали, каде исто така беше изведен воен преврат со обвинување дека нема никакви резултати од нив во војната со исламистичките бунтовници во областа Сахел, од Нигер ги подмирува своите потреби од ураниум неопходен за функционирање на нејзината широка мрежа нуклеарни централи.

Пучистите го обвинуваат Париз за неоколонијалистичко однесување и притоа велат дека во договор со администрацијата на претседателот Базум, Нигер добива минимални приходи од извозот на ураниум и други суровини со кои земјата е богата, поради што 22-милионската нација е меѓу најсирамашните во светот.

Пучистите, исто така, го обвинуваат Париз за одредени воени акции и настојувања за воена интервенција против нигериските безбедносни сили, како и дека ги поттикнуваат и поддржуваат џихадистичките групи блиски на Исламската држава и Ал Каеда кои го пустошат регионот на Сахел за да го оправдаат свето воено присуство во регионот.

Нигерскиот воен врв ја обвинува Франција и дека се обидува да го врати на власт својот соработник Базум, како и дека Економската заедница на западноафриканските држави (ECOWAS) е „платеник“ на Франција која колонијално до пред шест децении го владееше тој регион.

ECOWAS, кој е регионален западен сојузник, вовед жестоки санкции против сиромашниот Нигер и се закани дека воено ќе интервенира за да го врати на власт Базум. Меѓутоа, Буркина Фасо и Мали, кои исто така како и Нигер беа членки на блокот, префрлија свои војски и борбени авиони на нигерска територија и порачаа дека интервенцијата на војски од земјите на ECOWAS ќе ја сметаат за напад и врз нивниот суверенитет.