„Пуцко петрол“ го доби тендерот вреден 15 милиони евра за снабдување на ЈСП Скопје со дизел

Јавното сообраќајно претпријатие во наредните две години со дизел ќе се снабдува од „Пуцко Петрол”, компанија на градоначалникот на Пласница од ДУИ Исмаил Јаовски. Вредноста на овој тендер е 944 милиони денари или повеќе од 15,3 милиони евра.

На тендерот биле доставени две понуди, а со најниска цена се пријавила компанијата „Пуцко  Петрол“ од Пласница.

Директор на ЈСП Скопје е Кристијан Чушков, кој за време на локалните избори беше дел од изборниот штаб на Петре Шилегов, актуелниот градоначалник на Скопје.

И минатата власт склучуваше договори за снабдување со нафта на некои јавни претпријатија и локални заедници токму со „Пуцко петрол“.

Во декември минатата година Министерството за одбрана го раскина договорот со „Пуцко петрол“ за снабдување со мазут поради немање лиценца за трговија со мазут. Овој случај го откри МКД.мк, а потоа следуваше реакцијата на Министерството за одбрана за раскинување на договорот. Тогаш Регулсторната комисија за енергетика објави дека „Пуцко петрол“ без лиценца за мазут снабдувал и други државни институции –  Министерство за внатрешни работи, општите болници во Гостивар и Гевгелија, Државниот студентски дом во Скопје, општина Битола.