Пуџдемон на слобода со кауција од 75.000 евра

Германскиот суд реши со кауција да го пушти на слобода Карлес Пуџдемон, со што германската политика веројатно ја доведува во непријатна позиција, пишува Дојче веле. Каталонскиот сеператист е пуштен од притвор со кауција од 75.000 евра. Тој не смее да ја напушти Германија и еднаш неделно треба да се јавува во полицијата во Нојминстер.

-Некои судски одлуки ни се допаѓаат повеќе, некои помалку, но мора да се прифатат – гласи првата реакција на шпанскиот министер за правда од Мадрид, Рафаел Катала, откако Вишиот покраински суд во Шлезвиг Холштајн донесе одлука да го ослободи сепаратистичкиот водач Карлес Пуџдемон од притвор со кауција и да не го испорачува во Шпанија врз основа на обвинувањето за побуна.

Владата во Мадрид се воздржува од поконкретен став сѐ додека не ја проучи пресудата од Германија.

Пуџдемон пак синоќа твиташе: „До утре. Ви благодарам на сите.“ Неговото пуштање од притвор во Нојминстер се очекува денеска, а неговите адвокати се олеснети по судската одлука.

Германските судии не го прифатија обвинението кое во Шпанија Пуџдемон го товари за побуна, дело кое не постои во германското кривично право, а евентуален еквивалент би било кривичното дело „велепредавство“. Но, за Пуџдемон да биде кривично гонет за ова дело, подразбира извршена примена на насилство, за што следува затворска казна до 25 години. Вишиот покраински суд смета дека дури и примената на насилство не би била доволен критериум: обвинението за велепредавство би било оправдано само ако под притисок на демонстрантите уставните органи би биле присилени да капитулираат, што не беше случај во Шпанија. За германските судии останува единствено обвинението дека Пуџдемон проневерил пари, што е многу полесен деликт за кој е предвидена максимална казна од осум години затвор. Дали Пуџдемон крајно ќе биде испорачан од Германија во Шпанија, треба да реши Генералното обвинителство на Шлезвиг Холштајн, на што тој има право на жалба.

Пуџдемон беше разрешен од функцијата регионален претседател во Каталонија и побегна во егзил во Белгија, за да спречи апсење во Шпанија. Од Белгија пред околку две недели тој патуваше во Финска, а на враќањето од таму беше уапсен во Германија поради шпанскиот издаден европски налог за апсење.