Пујол и кажа збогум на Барселона

Легендарниот капитен на каталонскиот гигант Барселона, Карлес Пујол, ја шокираше фудбалската јавност со изјавата дека ќе си замине од “Ноу Камп” на крајот од актуелната сезона.

Иако има договор до 2016 година, искусниот дефанзивец потврди дека ги игра последните натпревари во дресот на актуелниот шампион на Шпанија.

“Клупските челници веќе ја знаат мојата конечна одлука, но тоа не значи дека јас веднаш ќе си заминам од Барселона, ќе останам на “Ноу Камп” до крајот на актуелната сезона. Не знам кој ќе биде следниот мој чекор, не знам што ќе правам после 30 јуни. Имам потреба од одмор, да се одморам и после ќе видам што ќе правам со мојата кариера. Сакам јавно да им се заблагодарам на клупските челници, на моите соиграчи, на менаџерот, на медиумите, на сите тие кои направија многу за мене”, изјави репрезентативецот на Шпанија.

Претходно, крај на авантурата во дресот на каталонскиот гигант потврди и првиот голман на Барселона, Виктор Валдес.