Полицијата уапсила скопјанец осомничен дека се обидел да го убие Р.С.(36) од село Батинци, во понеделникот во близина на гробиштата во селото против двајцата поднела кривични пријави.
Станува збор за Б.З.(27) и З.Н.(27), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид“. Полицијата го уапсила Б.З., а трага по З.Н., како и по уште едно лице кое учествувало во нападот, но неговиот идентитет не е познат.
Од Основното јавно обвинителство Скопје донеле наредба за спроведување истражна постапка против двајцата осомничени.
Тие се товарат дека на 22.10.2018 година во село Батинци со умисла се обиделе да лишат од живот едно лице. Имено, додека оштетениот се движел по улицата со блиндирано патничко моторно возило „БМВ 750“ со германски регистарски таблици и поминувал во близина на гробиштата, двајцата осомничени пукале кон него со автоматски пушки-„калашникови“. Оштетениот застанал со возилото, а кога осомничените му се доближиле со оружјето во рацете, тој го ставил возилото во движење и избегал. Едното осомничено лице е лишено од слобода и оштетениот извршил негово препознавање, додека другиот осомничен не е достапен на органите на прогонот и за него МВР распиша централен распис, велат од ОЈО.
Поради опасноста осомничените да го повторат, односно да го довршат делото надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и Предлог за определување мерка притвор за двете лица.