Две лица биле убиени, а две биле ранети во пукотници во градот Симферопол, објавува новинската агенција „Криминформ“, повикувајќи се на официјално соопштение на кримската милиција, пренесува Нетпрес.
Според првичните информации, снајперист пукал и убил еден припадник на кримските одреди за самоодбрана и еден украински војник. Уште две лица биле ранети – едниот украински војник, а другиот член на одредите за самоодбрана. Кримската милиција соопштува дека непознато лице стрелало од зграда во градба, лоцирана во близина на воени објекти. Силите за самоодбрана добиле информација дека во зградата има вооружени лица и кога пристигнале да го проверат тоа, врз нив бил отворен оган од снајпер, се вели во информацијата до јавноста на Министерството за внатрешни работи на Крим.
Се претпоставува дека станува збор за провокација за дестабилизирање на ситуацијата во Симферопол, на денот на потпишување на договорот за обединување на Крим со Русија.
Претходно, денеска, украинското Министерство за одбраната, цитирано од новинските агенции ДПА и „Ројтерс“, информира дека во Симферопол била нападната украинска воена база и бил убиен војникот С. Какурин, кој стражарел на кула во објектот. Во информацијата било наведено дека напаѓачите наводно биле во руски воени униформи. Исто така, наводно руски војници го заробиле Андриј Аднрјушин, командант на базата, за „време на преговори“. Наводно, тој бил држен во зграда во близина и бил „принудуван да премине на страната на кримскиот народ“. При инцидентот бил ранет и капетанот В.Федун, а друг украински војник бил претепан.
Новинската агенција „Интерфакс Украина“, пак, објави дека загинал член на проруските сили за сабоодбрана. „Ројтерс“ пишува дека таа информација засега неможе да се потврди.
По информацијата за првиот загинат украински војник, премиерот на Украина Арсениј Јацењук, изјавил дека станува збор за воено злосторство и повикал на меѓународни преговори, за да не дојде до ескалација на конфликтот. На украинските војници на Крим им била дадена наредба да користат оружје за самоодбрана, за разлика од претходно кога на сила беше наредба за забрана на употреба на оружје.
Командантот на украинската флота, информирал дека за време на состанок во Министерството за одбрана во Крим петмина морнарички офицери биле грабнати, а подоцна двајца од нив биле ослободени.
Украинското разузнавање, цитирано од „Интерфакс“, соопштило дека еден негов припадник бил киднапиран.
Политичката партија УДАР, предводена од Виталиј Кличко, која ја одигра главната улога во прозападните тримесечни протести во Киев, објавила декларација во која било наведено дека „поради непријателските дејствија на руското политичко раководство“ настојува за прекинување на диппломатските односи меѓу Украина и Русија. На ист чекор повикува и Олег Тјагнибок, лидерот на десничарската партија „Свобода“, кој исто така ја поддржува власта во Киев.