Пулмологија доби нов дијагностички центар

Пациентите на Клиниката за пулмологија и алергологија од денеска ќе може побрзо да бидат дијагностицирани и третирани, бидејќи се отвори нов дијагностички центар на Клиниката. Центарот е опремен со медицинска опрема вредна 16 милиони денари обезбедени од Министерството за здравство, односно набавен е бронхоскоп, монитор, процесор и извор на светло, како и ендобронхијален ултразвук со бронхоскоп. На отворањето на центарот присуствуваа и медицинскиот и организацискиот директор на клиниката, Дејан Докиќ и Суат Шаќиров.

– Со отворањето на овој центар, двојно ќе се зголеми бројот на ЕХО прегледи и бронхоскопии, вети министерот за здравство доктор Фатмир Меџити.

Значајно е што е обезбеден ЕБУС апаратот кој овозможува да се дијагностицираат метастатски лимфни јазли. Апаратот за оваа намена со кој располагала Клиниката бил веќе стар и дотраен.

– Новиот дијагностички центар е опремен и со дигитален РТГ апарат и апарат за компјутерска томографија. За адаптација на овој простор се извршени реконструктивни зафати во вредност од 10 милиони денари, кажа министерот.