Пушилин ги негира тврдењата за украинските напредувања во Доњецк

Силите на прориските сепаратисти од југоисточна Украина и руските трупи успеале да го запрат обидот за противофанзивата на украинската војска во правецот на Красниј Лиман, изјави во видеобраќањето во неделата вечерта челникот на самопрогласената Народна република Доњецк, Денис Пушилин.

Претходно во неделата украинските функционери на социјалните мрежи објавуваа вести за наводни успеси и напредувања во противофанзивата во неколку правци особено во областа Харков. Според некои аналитичари, било искористено прегрупирањето на руските трупи кон југ и напуштањето на некои претходно заземени позиции. Според украинските медиуми, станува збор за стратегија со долгото најавување на противофанзива на југот, по што руската команда префрлила во тој правец повеќе трупи, а всушност украинскиот удар дошол во северен и источен правец. Сепак, некои аналитичари предупредуваат дека прегрупирањето на руските единици на теренот може да значи подготовка за офанзива кој црноморскиот пристанишен град Одеса.

„Во Красниј Лиман, најмалку што успеавме е да го запреме непријателот. Ќе ја следиме ситуацијата натаму. Нашите момци имаат одреден успех“, истакна во обраќањето Пушилин,

Притоа челникот на проруските сили од Доњецк ги негираше информациите за наводната негова оставка и заземањето на аеродромот во Доњецк од страна на украинската војска. Кога станува збор за местото Пески, за кое исто така беше известено дека наводно е заземено од украинските единици, Пушилин изјави дека по одбивањето на украинскиот напад, ситуацијата таму е „сигурна“.

Пушилин, исто така, рече дека сепаратистичките единици борејќи се во областа на Артемовск веќе влегле на периферијата на градот и оти ситуацијата таму, најверојатно, ќе се одвива според плановите на руските и проруските сили. Рече и дека во правец на Угледар проруските единици напредуваат, а бил спречен и обидот на украинската војска да префрли опрема во областа на Красноармејск.

Сумирајќи, Пушилин во видеото рече дека Доњецк „мора да победи и ќе победи“ и повика да се земаат предвид само официјални извори на информации и да се проверуваат шпекулациите кои се шират преку социјалните мрежи и западните медиуми.