Пуштени во употреба асфалтираните улици во штипско Лесковица

Денес беа пуштени во употреба асфалтираните улици во штипското село село Лесковица.  Поточно, станува збор за двете главни улици со должина од околу 830 метри и пристапниот пат до селото кој излегува на регионалниот пат, во должина од 580 метри.

На свеченоста присуствуваа градоначалникот на Штип, прим.м-р Илчо Захариев, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Тони Димовски, новоизбраните поратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и Трајче Димков, и жители на селото. Осврнувајќи се на проектот, градоначалникот Захариев напомена дека и други села ќе добијат асфалт:

– Ова село некогаш имало 800 жители, но нерамномерниот развој бил причина за иселување. Со политиката на Владата на РМ, која предвидува средства за рурален развој, имаме позитивни резултати и по повеќе од 70 години, селото Лесковица доби асфалт. На тој начин исправена е можеби една неправда, која отвора перспектива за понатамошен развој. Можам само да им искажам голема благодарност на жителите на селото кои опстоија на своите огништа, ништо не ги поколеба да останат дома, на своите имоти и ете денес заеднички да славиме асфалтирање на улиците. Во Штип има уште десетина села кои немаат асфалт, и можам да кажам дека во следните три години сигурно ќе бидат посетени и ќе донесеме патишта и кај нив. Тоа можам сигурно да им го ветам.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Тони Димовски е задоволен од реализацијата на проектот:

– Ова е заслуга и на градоначалникот Захариев кој беше во постојан контакт да се добијат средства за асфалтирање на улиците во Лесковица и како што гледам, активноста е завршена за околу месец дена, во рамките на предвиденото. Ние и понатаму соработуваме, имаме размислувања и за идни проекти и се надевам дека пак ќе имаме можност инфраструктурно да обезбедиме села низ штипскиот регион.

Пуштањето на улиците се совпадна со денешниот празник Ѓурговден кој е слава на селото. На манифестацијата со фолклорна програма ќе настапи и КУД „Ристо Донев-Учителот“ од Штип.