Во суд пуштена снимката за Села, го влечеле и тепале по глава

Денеска во Судот беше пуштена снимка на која се гледа како обвинетите го тепаат Зијадин Села во Собранието на 27 април.

На снимката Села лежи раскрварен до лифтот и  тогаш еден од обвинетите се доближува до него и со нога го удира по главата. Останатите обвинети се обидуваат да го кренат, но обвинетиот Оливер Осавковски со нога го удира во рамото и Села повторно паѓа на подот. Овие критични минути се снимени и на мобилниот телефон на обвинетиот Осавковски, но кога се случуваат ударите тој го снима подот. Во позадина се слуша тап удар и извици „Не го удирај, прекини веќе! Откако снимката беше презентирана, судијката констатираше дека обвинетиот Кире Георгиевски е тој што го гази Села во пределот на главата.

На друга снимка се гледаше како обвинетите го држат Села за раце и за нозе и го носат низ собраниските ходници, а се слушаат и пцовки и извици  „Убиј го“ и „Удри го“ „За кучето надвор“.

Во Судот беше пуштена и снимка од камерите во Собранието на која се гледа како лидерот на Алијансата на Албанците е во прес салата со останатите пратеници и се држи со рака за главата, додека дел од обвинетите удираат боксови и фрлаат со предмети(копје од знаме, стативи, ногарки од стол) кон пратениците и неколкуте лица од обезбедувањето.

Обвинетиот Александар Јаневски Тошта на една од снимките  може да се забележи како се обидува да го заштити Села.  За обидот за убиство на Зијадин Села на 27 април минатата година обвинети се Кире и Цеко Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра. Обвинетите за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села на претходите рочишта се изјаснија за невини.