Рускиот претседател Владимир Путин ја одобри во понеделникот новата руска надворешнополитичка доктрина втемелена на концептот „руски свет“, за што се стравува дека ќе биде оправдување на интервенции во соседството со цел на заштита на големите руски и рускојазични заедници.
„Хуманитарната политика“ на 31 страница, наведува дека Русија би требало да ги „штити, чува и промовира традициите и идеалите на рускиот свет“.
Иако се оценува дека е претставена како своевидна стратегија на „мека сила“, таа како официјална политика ги потврдува идеите за руската политика и религијата во зачувувањето на конзервативните вредности. На Западот, пак, се доживува како платформа која некои тврдилинијаши ја користат за да ја оправдаат руската инвазија во делови од Украина и пружање поддршка за одметнатите доминантно руски и рускојазични ентитети на истокот од соседната земја.
„Руската Федерација им пружа поддршка на своите сонародници кои живеат во странство во остварувањето на нивните права, за да обезбеди заштита на нивните интереси и зачувување на нивниот руски културен идентитет“, се наведува во документот.
Во документот се истакнува дека врските со сонародниците во странство на Русија ѝ овозможуваат „јакнење на нејзината слика на меѓународната сцена како демократска земја која тежнее кон создавање мултиполарен свет“ темелен на рамноправна основа и меѓусебно почитување.
Путин често ја споменува, според неговото мислење, трагичната судбина на околу 25 милиони Руси кои живеат надвор од Русија во земјите кои настанаа по распадот на Советскиот сојуз во 1991 година, како што е во Украина каде по превратот од 2014 година беше укинато користењето на рускиот јазик во мнозинските региони како официјален и забранет за употреба и во секојдневниот јавен живот, забраната за следење руски медиуми.
Западот ја обвинува Русија дека и натаму поранешниот советски простор, од Балтикот до централна Азија, го смета за своја легитимна сфера на влијание.
Новата политичка доктрина истакнува и дека Русија би требало да ја зголеми соработката со славјанските нации, со Кина и со Индија, како и дополнително да ги јакне своите врски со Блискиот исток, Африка и Латинска Америка.
Концептот, исто така, говори и за потребата од развој на мултилатерална хуманитарна соработка во рамките на меѓународните регионални организации како и асоцијации како што се Шангајската организација за соработка,, Организацијата на Црноморската економска соработка, партнерството за дијалог Русија – АСЕАН, Азиско-пацифичкиот форум за економска соработка.
Москва, според документот, би требало дополнително да ги зацврсти односите со кавкаските региони Абхазија и Осетија, кои во времето на Советскиот сојуз се придодадени на тогашната советска република Грузија, а по распадот во 1991 година водеа војна за своја независност. Во летото 2008 година кога Грузија се обиде воено да воспостави контрола над двата стратешки региона при што загинаа и неколку руски мировници, Русија презема воена операција и ја призна нивната независност, како и во одметнатите од 2014-та проруските региони во источна Украина – Доњецк и Луганск, со образложение дека спречува подготвена воена инвазија врз тамошното руско население од страна на Киев.