Русија посакува Камала Харис да победи на претседателските избори во Соединетите држави во ноември, изјави во четвртокот рускиот претседател Владимир Путин во очигледно ироничен коментар, наведувајќи ја нејзината „заразна“ смеа како причина за предност пред Доналд Трамп.
Путин ова го изјави ден откако американското Министерство за правда ги обвини претставниците на руските медиуми, вообичаено без да изнесе какви и да се докази, дека наводно се обидуваат да влијаат на ноемвриските избори со ширење проруска пропаганда. Притоа, Вашингтон не посочува во чија полза, на Харис или на Трамп, било активно наводното „руско мешање во изборите“.
Челникот на Кремљ на почетокот на годинава со очигледна иронија, дури и пред претседателот Џо Бајден да се повлече од трката, рече дека го претпочита Бајден отколку Трамп, бидејќи тој е попредвидлив политичар од „старата школа“.
На прашањето како сега гледа на изборите, Путин на економски форум на рускиот Далечен исток рече дека тоа е избор на американскиот народ. Но, потоа додаде дека Бајден им препорачал на неговите поддржувачи да ја поддржат Харис.
„Ние ќе го направиме истото, ќе ја поддржиме“, рече Путин. „Таа се смее толку експресивно и заразно, што значи дека сè е во ред со неа“, рече Путин, додавајќи дека тоа може да значи дека ќе се воздржи од дополнителни санкции против Русија.
Американските разузнавачки агенции веруваат дека Русија сака Трамп да победи бидејќи тој е помалку посветен да ја поддржува Украина во војната против Русија.
Но, Путин потсети дека Трамп воведе повеќе санкции за Русија како претседател отколку кој и да е друг станар во Белата куќа пред него.