Путин ја поздравува „искрената желба“ на Кина да помогне во решавањето на кризата во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин ја поздрави „искрената желба“ на Пекинг да помогне во решавањето на украинската криза, во разговор што го објавија кинеските државни медиуми во средата пред неговата посета на Кина.

Путин пристигнува во кинескиот главен град во четврток, како што коментираат западните медиуми, надевајќи се дека ќе добие уште поголема поддршка за неговите воени напори во Украина од неговиот „драг пријател“ и колега Кси Џинпинг.

Оваа дводневна посета е прва посета на Путин во странство по неговиот реизбор во март и негова втора посета на Кина за нешто повеќе од шест месеци. Покрај Пекинг, рускиот претседател ќе го посети и Харбин, огромен град на североистокот на Кина, каде што се одржува саемот за трговија и инвестиции.

„Ја поздравуваме позицијата на Кина за решавање на кризата во Украина“, изјави Путин за кинеската новинска агенција Xinhua.

„Кина јасно ги разбира корените на украинската криза и нејзиното глобално геополитичко влијание“, вели рускиот претседател, осврнувајќи се на документот од 12 точки објавен од Кина во февруари 2023 година за да ја објасни својата позиција за конфликтот кој веднаш беше одбиен од западните земји предводени од САД и следствено од украинскиот претседател Володомир Зеленски.

„Идеите и предлозите содржани во документот ја покажуваат искрената желба на нашите кинески пријатели да помогнат да се стабилизира ситуацијата“, нагласува Путин.

Во тој документ Кина повикува на територијален интегритет на сите земји, вклучително и Украина, но бара и да се земат предвид безбедносните грижи на Русија.

Неколку дена пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Пекинг и Москва го прославија своето партнерство кое „не познава граници“. Оттогаш двете земји ја зајакнаа дипломатската, трговската и воената соработка.

Во изминатите пет години трговијата меѓу двете земји е двојно зголемена, истакнува Путин. Како што додава, Кина е најголемиот трговски партнер на Русија 13 години по ред, а во 2023 година Русија го зазеде четвртото место меѓу трговските партнери на Кина.

Русија смета дека Кина е клучна за руската економија погодена од западните санкции без преседан во историјата, а Кина особено има полза од увозот на евтина руска енергија. Западот гледа на ова партнерство со сомнеж, а САД се закануваат дека ќе воведат санкции за банките и странските компании кои имаат деловни соработки со Москва.