Путин ја призна независноста на Херсонската и Запорошката област од Украина

Рускиот претседател Владимир Путин доцна вечерта во четвртокот ги потпишал указите за признавање на Херсонската и Запорошката област, на југот односно југоистокот од Украина со доминантно руско и рускојазично население, пренесуваат руските агенции.

„Во согласност со општоприфатените принципи и норми на меѓународното право, признавајќи го и потврдувајќи го принципот на рамноправност и самоопределување на народите, втемелен во Повелбата на Обединетите нации, и земајќи ја предвид волјата на народот во Херсонската областа на референдумот одржан на 27-ми септември 2022 година, одлучувам: Се признава суверенитетот и независноста на регионот Херсон“, се наведува во документот објавен на интернет страницата за правни работи на Кремљ.

Вториот идентичен указ се однесува на признавањето на суверенитетот и независноста на регионот Запорожје.

Претходно беше објавено дека во петок во Кремљ ќе се одржи церемонијата на потпишување на договорите за стапување во состав на Русија на четирите територии, односно досегашни украински региони – Доњецк и Луганск, кои уште по превратот во Киев во 2014 година во март истата година прогласија независност која Москва ја призна дури на 21-ви февруари годинава, три дена пред почетокот на руската инвазија во Украина, како и на регионите Херсон и Запорожје од кои големи делови се под контрола на проруските сепаратисти и руската војска,

Според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, церемонијата на потпишувањето ќе се одржи во 15 часот по локално време, а потоа претседателот Путин ќе се сретне со четворицата челници на новите субјекти во Руската Федерација.

Западот и Украина ги сметаат за незаконски таквите референдуми, и сметаат дека станува збор за нелегално руско анектирање на најмалку 15 отсто од украинската територија.

Малку пред објавата од Кремљ, во четвртокот вечерта американскиот претседател Џо Бајден вети дека САД никогаш нема да ги признаат руските територијални претензии во Украина, а Вашингтон подготвува нов круг санкции против Русија поради организирањето на референдумите во четирите југоисточни украински региони, кои Западот ги оцени за нелегално руско анектирање на украинска територија.

Обраќајќи им се на челниците на пацифичките островски земји, Бајден и осуди референдумите во Украина како „апсолутна измама“, тврдејќи дека резултатите се „измислени во Москва“.

„Сакам да бидам многу јасен во врска со ова, САД никогаш, никогаш, никогаш нема да ги признаат руските барања на украинската суверена територија“, рече Бајден.

За анексијата на украинските региони на Русија која треба да биде довршена во петокот, нема место во модерниот свет, оцени во четвртокот за новинарите генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

„Секоја одлука да се продолжи со анексијата на украинските региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје не би требало да имаат правна вредност и заслужуваат осуда. Тоа е против сѐ што меѓународната заедница би требало да претставува. Тоа ги изневерува целите и принципите на Обединетите нации. Тоа е опасна ескалација. За неа нема место во модерниот свет. Не семе да биде прифатена“, изјави Гутереш.

Истакна дека „секоја руска одлука да продолжи во таа насока дополнително ќе ги загрози изгледите за мир“.

„Тоа ќе ги продолжи драматичните влијанија врз глобалната економија, особено врз земјите во развој, и ќе ја попречи нашата способност за испораката на итна помош на Украина и пошироко. Крајно време е да отстапиме од амбисот“, додаде челникот на ОН.