Путин: Ќе го запреме извозот на енергенси доколку Западот воведе ограничување на цените

Доколку се остварат заканите на Западот за воведување ограничување на цените на рускиот гас и нафтата, Русија ќе го запре снабдувањето со енергенси на слободите глобални пазари, порача во средата претседателот Владимир Путин предупредувајќи го западот дека ќе остане „замрзнат како опашот на волкот“ во познатата руска бајка.

Зборувајќи на економскиот форум во Владивосток, на рускиот Далечен исток, Путин рече дека повиците од Европската унија за ограничување на цената на рускиот гас се „глупави“, како и дека таквите потези доведоа до повисоките цени на енергенсите во светот и до големи економски проблеми во самата Унија.

По иницијативата на САД, поддржана од Велика Британија, Канада и Јапонија, и групата седум индустриски најразвиени земји Г7 во која се уште и членките на ЕУ – Германија, Франција и Италија, повторно минатата седмица го објави планот да ја ограничи цената на руската нафта.

Земјите на Г7 на неодамнешниот самит во Германија објавија дека се согласиле да разгледаат сеопфатна забрана за услуги за транспорт на руската нафта и нафтени деривати по поморски пат ширум светот, доколку не се купува по цена договорена со меѓународните партнери или поевтино. Целта е да се постави цената на нивото коешто ги покрива руските маргинални трошоци на производство, за Москва да биде поттикната да продолжи да ја извезува нафтата за да нема недостиг на меѓународните пазари, затоа што руските барели не можат да бидат заменети без поголеми потреси на пазарите. Меѓутоа, според планот на Вашингтон, цената не би требало да овозможи добивки за Русија.

Меѓутоа, како што порача Путин, Русија ќе излезе до договорите за снабдувањата доколку Западот го спроведе планот за ограничувањето на цените.

„Дали ќе има политички одлуки спротивни на договорите? Да, нема да ги исполниме. Нема да дозволиме токму ништо доколку тоа е спротивно на напите интереси. Нема да извезуваме гас, нафта, јаглен, машинско масло, нема да испраќаме ништо. Би ни преостанала само една работа: како во познатата руска бајка – да го осудиме волчјиот опаш на смрзнување“, предупреди рускиот претседател.

Русија е вториот најголем извозник на нафта во светот по Саудиска Арабија, и е најголем извозник на гас и житарки во светот. Европската унија досега вообичаено увезуваше на годишно ниво од Русија од 40 отсто од своите потреби од гас и 30 отсто од нафта.

Путин повтори дека Германија и другите западни држави самите се виновни за тоа што гасоводот Северен тек 1 престана да работи и затоа што Полска и Украина самостојно одлучија да ги прекинат другите гасоводни правци кон Европа.

Со овие чекори ЕУ и целиот континент се соочија со енергетска криза пред почетокот на претстојната зима и со раст на сметките, откако „Газпром“ целосно ја запре испораката на гасот преку Северен тек 1, тврдејќи дека станува збор за технички проблеми кој ја загрозуваат безбедноста, а за чие отстранување според договорот е обврзана германската компанија „Siemens“, кој тврди дека дефектот може да се реши на „лице место“.

„Северен тек 1 сега практично е затворен“, рече Путин повикувајќи ја Германија да ја врати турбината за компресорската станица „Поротваја“, што на Русија ќе ѝ овозможи да продолжи да пумпа гас. Но веројатно тоа повторно нема да биде со целосниот капацитет на Северен тек 1 зашто редовен домашен ремонт „Siemens“ мора да изврши во Канада на уште пет гасни турбини и потоа да ги врати во Русија.

 

Само два брода со украински житарки стасале во сиромашните земји, Западот лаже

Путин претходно го обвини Западот дека ги измамил земјите во развој и Русија во договорот за извоз на украинските житарки од јули и вети дека ќе ги поправи условите од тој договор за да го ограничи бројот на земјите кои можат да ги примат тие испораки.

Рускиот челник рече дека житарките кои се извезуваат според договорот постигнат со посредување на Турција и ОН не стасуваат до најсиромашните земји во светото, што беше вистинската цел на тој договор од Истанбул.

„Меѓународната заедница срамно ги изигрува нашите партнери во Африка и во другите држави на кои насушно им е потребна храната. Тоа е измама“, рече Путин.

Во досега најостриот коментар на Договорот за извозот на житарки од Украина, Путин предупреди на глобална криза со храната, доколку тоа прашање не биде решен и најави дека ќе го контактира турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоганз а да се договорат на кој начин да го поправат тој договор и да биде ограничен бројот на државите кои можат да ги примат тие житарки.

„Јасно е дека со ваквиот пристап (на западните земји), кризата со храната во светот ќе води до невидени хуманитарни катастрофи“, предупреди Путин.

Рускиот претседател, повикувајќи се на извори од Заедничкиот координациски центар во Истанбул за надзор на извозот на житарките од украинските црноморски пристаништа, рече дека само два од 87 бродови со житарки стасале до сиромашните земји и го обвини Западот за колонијално однесување.

„Така оди тоа: некогашните колонизатори и денес се однесуваат колонизаториски. Речиси сите житарки извезени од Украина не одат за најсиромашните земји во развој, туку во државите од Европската унија“, рече Путин.

Според подароците на ОН, пак, наводно повеќето бродови пристигнале во Турција со пратки на житарки за Кина, Индија, Египет, Јемен, Сомалија и Џибути. Но секогаш се најавува испловувањето во тој правец а не и дали бродот пристигнал на таа дестинација. Минатиот месец медиумите објавија дека брод со украински житарки кој пловел кон Либан кој е во огромна криза, бил наводно откажан од нарачателот но не беше наведено во кој правец продолжил да го носи товарот.

Русија ќе продолжи да го спроведува договорот, продолжи Путин, и предупреди дека не се почитуваат одредбите за ублажување на санкциите за извозот на руските житарки и вештачки ѓубрива, што Западот го користи да ја обвини Москва за глобалната прехранбена криза. Русија е најголемиот светски произведувач на вештачки ѓубрива, а американското Министерство за финансии уште пред неколку месеци субјектите во САД ги советуваше како да ги заобиколуваат западните санкции при нарачките на некои руски производи.

„Паметните санкции сѐ уште ја отежнуваат руската трговија. Нема директно санкции против тие производи, но постојат санкции и ограничувањата во логистиката, плаќањата, осигурувањето (на товарите и бродовите). Многу од тие ограничувања не се отстранети“, рече Путин