За време на церемонијата на полагање заклетва на 17 амбасадори во Кремљ, кои официјално му ги предадеа своите дипломатски акредитивни писма на Путин, тој ѝ рекол на новата американска амбасадорка Лин Трејси дека токму американската поддршка за револуцијата во Украина во 2014 година довела до сегашната ситуација, во која Русија и Украина се во конфликт. Тој исто така рече дека односите се во „длабока криза заснована на фундаментално различни пристапи за обликување на современиот светски поредок“.
„Почитувана госпоѓо амбасадорке, знам дека можеби не се согласувате, но морам да кажам дека американската употреба на такви алатки за поддршка на таканаречените „обоени револуции“ претставуваше поддршка за државниот удар во Киев во 2014 година, што на крајот нѐ доведе до актуелната украинска криза“, рече Путин.
Рускиот претседател зазеде сличен став кон новиот амбасадор на Европската унија во Русија, Роландо Галхарагу, кој ја презеде функцијата во септември. Тој му рекол дека „Европската унија започнала геополитички конфликт со Русија“.
Истовремено, Владимир Путин ја повика Данска да го поддржи рускиот предлог за формирање независна меѓународна комисија која ќе ги истражи експлозиите што ги уништија подморските цевководи „Северен тек“ во септември минатата година, со кои со гасот од Русија се снабдуваше Германија.
Во своето воведно обраќање Путин рече дека Русија е отворена за конструктивно партнерство со која било земја и дека нема намера да се изолира и покрај сложената ситуација во светот.
Односите меѓу Русија и Западот веќе беа многу затегнати пред она што Москва го нарекува „специјална воена операција“ во Украина, но оттогаш се влошија. Русија вели дека била принудена да интервенира во Украина за да го спречи мешањето на Западот, кое потоа почнало да претставува закана за нејзината безбедност.
Западот и Киев го отфрлија таквото објаснување како неоснован изговор за освојувачка војна, а потоа Западот воведе низа економски санкции и почна да ја снабдува Украина со оружје и други ресурси со цел што поуспешно да се спротивстави на руските воени сили.