Путин ги одликува двајцата херои – пилотот и копилотот

Рускиот претседател Владимир Путин им ја додели титулата „Херој на Русија“ на двајцата пилоти на компанијата „Урал Ерлајнс“, кои принудно слетаа во поле во предградие на Москва, спасувајќи ги животите на 223 патници.

Останатите членови на екипажот се одликувани со Орден за храброст.

– Потпишав декрет за доделување награди за членовите на екипажот на авионот, кој принудно слета во близина на аеродромот „Жуковски“, изјави Путин на состанокот со членовите на рускиот Совет за безбедност.

Руски патнички авион „Ербас“ вчера принудно слета во поле, во близина на аеродромот „Жуковски“, веднаш по полетувањето од Москва бидејќи птици влетале во моторот на леталото, а во инцидентот се повредени 23 лица, меѓу кои девет деца.

Авионот со 234 патници и членови на екипажот полета од Москва кон Симферопољ, на Крим.

Пилотот Дамир Јусупов и копилотот Георгиј Мурзин во Русија ги слават како херои, бидејќи успеале да спасат толку луѓе.

Јусупов (41) од Сибир не е типичен пилот. Тој своевремено бил одбиен од пилотската школа, завршил право и дури потоа се преквалификувал.

Мурзин (23) добил лиценца за пилот пред само две години.