Путин ги повика гласачите да ја одредат иднината на Русија

Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот ги повика граѓаните, вклучително и гласачите во aнектираните доминатно руски и рускојазични региони на Украина, да се обединат во одредувањето на иднината на Русија со гласање на претседателските избори оваа седмница на кои според анкетите тој повторно ќе победи веројатно со најголемата поддршка досега.

„Само вие, граѓаните на Русија, можете да одлучувате за иднината на татковината. Би сакал да нагласам дека единствениот извор на моќ во нашата земја е народот. Ова е клучна законска одредба на рускиот устав“, рече Путин во видео-обраќањето кое прво беше прикажана на рускиот Далечен исток каде во средата ноќта според московско време веќе започна четвртокот.

Во обраќањето што го објавија националните новински агенции, Путин ја истакна сплотеноста и одлучноста на народот во заедничкиот стремеж да се оди напред.

„Секој глас што ќе го дадете е ценет и значаен“, им порача Путин на граѓаните и ги повика да го искористат своето право на глас во следните три дена.

Седумдесет иедногодишниот Путин, кој е на власт како претседател или премиер од 2000 година, се соочува со тројца предизвикувачи во трите дена од гласањето, почнувајќи од петок. Ниту еден од предизвикувачите не го критикуваше и сите тројца ја поддржуваат „специјална воена операција“ во Украина, но имаат различни ставови за начинот на кој се води таа.

Анкетите покажуваат дека Путин е поддржан од мнозинството Руси, а едно истражување минатиот месец покажа дека тој има поддршка од 75 до 82 отсто. Најдобрито изборен резултат Путн го има остварено во 2018 година, од 76,69 отсто од гласовите, со над 67,54 отсто излезност на гласачите.

Во своето видео обраќање тој рече дека сите гласачи сакаат да видат силна, просперитетна и слободна Русија „за да се подигне животниот стандард и квалитетот на животот“. „Така ќе биде“, рече тој.

Советот на Руската Федерација или Горниот дом на парламентот официјално го одреди 17-ти март за ден на претседателските избори. Централната изборна комисија соопшти дека гласањето ќе трае три дена од 15-ти до 17-ти март, а првпат ќе биде овозможено и гласање преку интернет, како и гласањето по пошта. Веќе трае предвременото гласање, кое започна на тешко простапните области и на далечните пловечки платформи и бродови.

За највисоката функција ќе се борат четворица кандидати. Покрај Путин, како кандидати се наведени и Владислав Даванков, заменик-претседател на руската Дума и член на пратеничката група на партијата Нов народ; Леонид Слуцки, лидер на ултранационалистичката Либерално-демократска партија (ЛДПР), лојална на надворешните политики на Кремљ; и Николај Харитонов, кандидат на Комунистичката партија.