Путин ги зајакнува врските со иранскиот претседател

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот во Туркменистан разговараше со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, при што двајцата државници ги поздравија сѐ посилните економски врски на нивните земји и сличните ставови за светските настани, во сојуз што САД го следат со загриженост.

Во судир со Вашингтон и Европската унија околу војната на Русија во Украина, која тој ја гледа како дел од пошироката егзистенцијална борба против „арогантниот и себичен“ Запад, Путин сака да ги продлабочи врските со, како што тој го нарекува – глобалниот Исток и глобалениот Југ.

Путин, чијашто земја е домаќин на самитот на БРИКС во Казан од 22 до 24 октомври, го покани Пезешкијан во официјална посета на Русија. Иранскиот лидер ја прифати поканата, објави руската државна новинска агенција РИА.

„Економски и културолошки, нашите комуникации се зајакнуваат од ден на ден и стануваат поробусни“, му рекол Пезешкијан на Путин, според иранската новинска агенција IRNA. „Растечкиот тренд на соработка меѓу Иран и Русија, со оглед на волјата на врвните лидери на двете земји, мора да се забрза за да се зајакнат овие врски“, додал иранскиот претседател.

Во септември, Пезешкијан ја обврза својата земја на подлабоки врски со Русија за да се спротивстави на западните санкции. Техеран и Москва велат дека се блиску до потпишување договор за стратешко партнерство, а Пезешкијан во петокот рече дека се надева оти прашањето може да биде финализирано на самитот на БРИКС во Русија подоцна овој месец.

САД се загрижени за односите на Москва со Техеран. САД го обвинија Иран дека навоно ѝ испорачувал на Русија балистички ракети за употреба во конфликтот во Украина, што Техеран го повеќепати го отфрли како неосновани и непотврдени тврдења на Вашингтон.

Путин: Се формира нов светски поредок

Русија вели дека соработката со Иран се проширува во сите области.

„Ние активно работиме заедно на меѓународната сцена и нашите оценки за актуелните настани во светот често се многу слични“, му рекол Путин на Пезешкијан на маргините на конференцијата во Ашгабат, главниот град на Туркменистан, пренесе новинската агенција ТАСС.

Според IRNA, Пезешкијан истакнал дека Иран и Русија имаат значителни комплементарни капацитети и дека можат да си помагаат. „Нашите позиции во светот се многу поблиски една до друга отколку до другите“, му возвратил Пезешкијан на рускиот претседател.

Пезешкијан претходно рече дека Израел треба „да престане да убива невини луѓе“ и дека акциите на Израел на Блискиот исток се поддржани од САД и ЕУ. Русија, исто така, го критикуваше Израел, кој тврди дека ја штити сопствената безбедност, за бомбардирање на цивилни области.

Кремљ претходно во петокот објави дека Путин на конференцијата во централноазиската земја изјавил дека се формира нов светски поредок и дека се појавуваат нови центри на економски раст и финансиско и политичко влијание.

Русија ја поддржа „најшироката можна меѓународна дебата“ за мултиполарниот свет што се појавува и беше отворена за дискусија за неа на различни форуми, вклучувајќи ги Заедницата на независни држави, Евроазиската економска унија, Шангајската организација за соработка и БРИКС, рекол меѓу другото Путин.