Путин го осуди создавањето еднополарен свет, Кси е за голема сила со Русија

Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот на средбата со кинескиот колега по должност Кси Џинпинг ги осуди обидите на Западот да создаде еднополарен свет, додека неговиот соговорник изјавил дека Кина сака да ја преземе својата улога на голема сила со Русија.

Путин и Кси се сретнаа во четвртокот на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС – SCO), формирана од Кина и Русија во 2001 година, кој се одржува во Самарканд во Узбекистан.

Рускиот челник истакна дека надворешниполитичкиот тандем меѓу Москва и Пекинг има клучна улога во обезбедувањето на глобалната и регионална стабилност.

„Заеднички се залагаме за формирање праведен, демократски и мултиполарен светски поредок заснован на меѓународното право и централна улога на ОН а не на некои правила што некој ги смисли и се обидува да им ги наметне на другите, дури и без објаснување што е тоа“, рече Путин.

Истакна дека обидите за создавање униполарен свет неодамна добиле „апсолутно грда форма“ и целосно се неприфатливи за повеќето земји.

Покрај тоа, рускиот челник ја пофали балансираната позиција на Пекинг во врска со украинската криза. Путин, исто така, ја повтори руската поддршка на Кина во врска со Тајван, потврдувајќи ја политиката „едена Кина“ и ги осуди „провокациите на САД“, алудирајќи на посетите на островот кој Пекинг го смета за своја одметната покраина од високи американски функционери, во прв ред претседателката на Претставничкиот дом на Конгресот, Ненси Пелоси.

Кси на средбата во Самарканд рече дека Кина сака да ја преземе својата улога на голема сила со Русија и да го постави светот на патот на одржлив развој.

„Соочени со без преседан во историјата колосалните промени кои се одвиваат во нашето време на глобално нив, подготвени сме заедно со нашите руски колеги да дадеме пример за одговорна светска сила и да ја одиграме водечката улога за да го поставиме многу брзото менување на светот на патеката на одржлив и позитивен развој“, рече кинескиот претседател.

Кси, исто така, изрази подготвеност за размена на мислења со Путин за меѓународната агенда и за прашањата од заеднички интереси.

Членки на организацијата се Кина, Русија, Индија, Казахстан, Киргистан, Пакистан, Таџикистан и Узбекистан. Азербејџан, Ерменија, Камбоџа, Непал, Турција и Шри Ланка, пак, се земји партнери на ШОС. Иран досега имаше статус на набљудувач, како и Белорусија и Монголија, но денеска го потпиша меморандумот за полноправно членство.