Путин го потпиша законот за построги казни за лица кои повикуваат на загрозување на безбедноста на Русија

Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша, меѓу многуте други во четвртокот, и законот кои одредува построги затворски казни за сите коишто повикуваат на дејствување против руската национална безбедност.

Врз основа на новите одредби објавени во четвртокот на порталот кој ги објавува документите коишто ги потпишува рускиот претседател, јавните повици на дејствување против безбедноста на земјата отсега ќе бидат казнувани со две до четири години затвор. Казната може да биде зголемена на пет години затвор, доколку тој повик се упатува преку мас медиумите, и на седум години доколку повикот го упатува организирана група,

Путин, покрај тоа, денеска го потпиша и текстот за заострување на рестрикциите кои се воведуваат за поединци и организации кои се означени како „странски агенти“. Станува збор за закон кој е донесен пред една деценија, по примерот на американскиот закон за „странските агенти“ од пред многу децении за оние кои застапуваат странски интереси. Според руската верзија, сите поединци, медиуми и организации кои се финансираат или добиваат средства од странство потпаѓаат под оваа категорија, мора транспарентно да ги објават тие податоци и да го наведат тоа во секоја објава.

Уште една мерка е донесена во четвртокот, а со неа се предвидува казна до 20 години затвор за секој руски граѓанин кој учествува во воени судир во странска земја надвор од руските регуларни формации.

Путин го потпиша законот со кој со парична казна но и затворска до седум години се казнува лице кое имало пристап или е запознаено со државни тајни а ќе ја напушти земјата без претходно одобрување од надлежните институции.

Станува збор за дел од групата закони коишто рускиот парламент ги изгласа последните седмици, а за да стапат на сила требаше да бидат потпишани и од шефот на државата.

Од почетокот на она што Москва го нарекува „специјална воена операција“ во Украина, беа заострени законите кои се однесуваат на изнесување навреди или лажни информации за руските вооружени сили и безбедносни служби.

Според овој закон притворени се претставниците на слабата руска опозиција Илја Јашин и Владимир Кара-Мурза и го очекуваат судењето. Членот на градскиот совет на Москва, Алексеј Горинов, мината седмица е осуден на седумгодишна затворска казна поради истапување против руските борбени дејствија во Украина, попрецизно затоа што на заседание на градскиот совет според обвинението изнел лажни сведоштва за дејствијата на руската армија.