Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Тајип Ердодган во вторникот престојуваат во Техеран каде што домаќин им е новиот ирански челник Ебрахим Раиси.
Според официјалната објава, целта на самитот во иранската престолнина е ситуацијата во Сирија, каде што сите три земји се значително воено присутни. Но додека Русија и Иран ја поддржуваат владата на алавитскиот (шиитски) претседател Башар ал-Асад, Турција стои зад туркменстански и туркофони бунтовнички групи. Нејзината воена интервенција во соседна Сирија е првенствено насочена против Единиците за одбрана на народот (YPG) кои Анкара ги смета за сириска филијала на Работничката партија на Курдистан (PKK) со која војува од 1980-те години. Силите на сириските Курди, инаку се ударната игла на Сириските демократски сили (SDF) кои ги обучуваа и вооружуваа САД.
Трите земји во минатото неколкупати одржуваа средби на највисоко ниво за ситуацијата во Сирија. Од 2017 година ги поттикнуваат состаноците во ткн формат Астана за да се постигне примирје и решение кое ќе води кон завршување на граѓанската војна којашто пролетта 2011 година ја почнаа сунитски бунтовнички групи финансирани и поддржувани од соседните сунитски земји како и од ткн колективен Запад предводен од САД и НАТО.
Турција неодамна објави нова воена офанзива во северна Сирија, но Русија и Иран ја предупредија Анкара дека не се согласни со нејзините нови воени операции кои може да доведат до ескалација на непријателствата.
Посетата на Путин е втората официјална посета на странство откако руските трупи на крајот од февруари ја започнаа она што Москва го нарекува изнудена превентивна специјална воена операција во Украина. Иако официјално војната во Украина не е на дневниот ред, многу е веројатно дека таа ќе биде тема на разговорите во Техеран.
Турција ги одржува блиските односи и со Русија и со Украина, и неколкупати посредуваше во разговорите меѓу Москва и Киев. Неодамна посредуваше во обид да се олесни извозот на житарки од украинските пристаништа во Црното Море.
Директните преговори меѓу Киев и Москва имаа добар развој до 29-ти март до средбата во Истанбул, кога беше најавена и можна средба на двата претседатела. Но потоа мировните преговори нагло замреа, а како што забележуваат и некои украински медиуми, тоа се случува веднаш по ненадејната посета на Киев на британскиот премиер Борис Џонсон и американскиот министер за одбрана Лојд Остин кој според коментаторот на The New York Times, Дејвид Сангер, „на крајот од тајната посета на Украина изјави дека целта на Америка е да ја види Русија толку ослабена да повеќе нема моќ да напаѓа соседна држава, ја призна трансформацијата на судирот од битка за контрола над Украина до онаа во која Вашингтон подиректно се спротивставува на Москва“.