![putin-kim](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/04/putin-kim.jpg?resize=696%2C365&ssl=1)
Никакoв договор не е потпишан во текот на посетата на севрнокорејскиот водач Ким Џонг-ун на Русија и неговите разговори со рускиот претседател Владимир Путин, соопшти во петокот Кремљ, иако Западот стравува дека можеби Москва сака да купи оружје од Пјонгјанг за војната во Украина што руската страна повеќепати го отфрли.
„Не беше потпишан никаков договор, и тоа ниту беше предвидено“, им одговори на новинарите акредитирани во Кремљ на редовниот дневен брифинг портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
САД се сомневаат дека покрај оружјето коешто би можела да ѝ го продаде на Русија, главно сомнежите се за артилериска муниција, Северна Кореја би можела да сака да набави руска технологија за своите нуклеарна и ракетна програма.
Се истакнува изјавата на Ким Џонг-ун на состанокот со Владимир Путин дека приближувањето на Русија е „апсолутен приоритет“ на неговата надворешна политика, а рускиот челник го пофали „јакнењето“ на врските меѓу двете земји. Путин зборуваше и за „перспективите“ за воената соработка и покрај меѓународните санкции воведени за Северна Кореја поради нејзината нуклеарна и ракетна програма.
Севенокорејскиот водач во петокот допатува во градот Комсомолск-на-Амур на рускиот Далечен исток каде што посети фабрика во којашто се произведуваат воени и цивилни авиони и друга воздухопловна опрема. Придружуван од заемникот на рускиот премиер за индустрија Денис Муратов, Ким се запознал со производството на борбените авиони „Су-35“ и „Су-57“ и цивилниот млазен суперџет „SJ-100“. Притоа била одржана демонстрација на летото на ловецот „Сухој Су-35“.
„Гледаме потенцијал за соработка во областа на аеронаутиката и во другите сектори“, изјави рускиот министер Муратов во соопштението.
Путин ја прифатил поканата на Ким да ја посети Северна Кореја, но датумот сѐ уште не е прецизиран, додаде Песков.
Американските и јужнокорејските функционери изразија загриженост дека Ким ќе разговара со Путин за испорака на оружје и муниција за Русија, којашто според нив потрошила „огромни резерви“ во повеќе од 18 месеци војна во Украина. Москва и Пјонгјанг ги негираа таквите намери, а руската страна им порача на западните сојузници на Киев дека за разлика од тамошните компании од одбранбениот сектор, руското производство целосно ги задоволува потребите на војската и во интензивни воени услови..
Во САД, исто така, се загрижени дека Русија наводно би можеле да биде заинтересирана за ракетите од 122 милиметри за повеќецевните ракетни фрлачи БМ-21 „Град“ од времето на СССР, кои ги поседува Северна Кореја. За возврат, Пјонгјанг би можел да добие руска нафта и храна и пристап до вселенската технологија.
Москва спомна можна помош во производството на сателити. Северна Кореја неодамна не успеа во два обида да стави воен шпионски сателит во орбитата, а исто така предложи испраќање севернокорејски космонаут во Вселената, јавуваат руските новински агенции.