![Putin Kim](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/09/Putin-Kim.jpg?resize=696%2C448&ssl=1)
Рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун се сретнаа во средата на космодромот Васточни во една од ретките средби на која разговарале за воени прашања, војната во Украина и можната руска помош на сателитската програма на Северна Кореја.
Путин прво му го покажал на Ким најнапредниот руски вселенски полигон на рускиот Далечен исток и разговарале за можноста за испраќање севернокорејски космонаут во Вселената. Ким, кој допатува со својот познат билиндиран воз од Северна Кореја, поставувал детални прашања за ракетите разгледувајќи го космодромот Васточни (Источен).
По обиколката, Путин и Ким неколку часа разговарале заедно со своите министри, а потоа разговарале за глобалните прашања и можната билатерална соработка
Потоа ручале заедно а на менито било сервирано „пелмени“, руска варијанта на равиоли, полнети со рак и есетра во прилог со печурки и компир.
Ким со чаша руско вино во чест на Путин наздравил за „победата на големата Русија“ и за корејско-руското пријателство, несомневајќи се во победата на Москва во „светата борба“ со Западот во војната во Украина.
„Цврсто верувам дека херојската руска армија и народот брилијантно ќе ги наследат своите победи и традиции и решително ќе го докажат своето благородно достоинство и чест на двата фронта – на воените операции и градењето силна нација“, рекол Ким.
„Руската армија и рускиот народ сигурно ќе извојуваат голема победа во светата борба за казнување на големото зло коешто посакува хегемонија и се храни со експанзионистичката илузија“, додал севернокорејскиот водач.
САД и Јужна Кореја, којашто на американската армија ѝ испорачува артилериска муниција во замена за нејзината којашто Пентагон ѝ ја донира на Украина во војната против Русија, изразија загриженост дека Ким би можел да ѝ продаде на Москва муниција и оружје, иако не наведуваат за какви видови би станувало збор.
Пјонгјанг и Москва повеќепати ги отфрлија таквите тврдења, а руското Министерство за одбрана порача дека руската одбранбена индустрија во секој момент може да ги задоволи сите потреби на војската за нејзините операции.
Путин повеќепати претходно потврдно одговори на новинарски прашања дека на состанокот со Ким ќе се разговара и за воената соработка меѓу двете земји, но не навлегуваше во поединости.
На разговорите присуствуваше и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, кој минатиот месец го посети Пјонгјанг по повод севрнокорејскиот национален празник каде што беше запознаен со одредени сегементи на севернокорејската ракетна програма. Кремљ на барањата на медиумите за коментар објави само дека чувствителните прашања меѓу две соседни земји се однесуваат само на нив.
На прашањето на руските новинари дали Русија ќе ѝ помогне на Северна Кореја во градењето сателити, Путин кусо одговори „Затоа и дојдовме тука“.
Путин рече и дека Ким планира да ги посети фабриките во кои се произведуваат воени и цивилни авиони во Комсомолск на реката Амур и ќе ја посети руската Пацифичка флота во Владивосток.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе го посети Пјонгјанг во октомври, објави Кремљ.
Вашингтон се закани со дополнителни санкции поради можна купопордажаба на оружје меѓу Русија и Северна Кореја, пропагандно тврдејќи дека Путин „го моли“ Ким „за помош зашто претрпел загуби во Украина“.
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш порача дека Русија „мора да биде претпазлива“ имајќи ги предвид санкциите за Северна Кореја кои кон средината на минатата деценија ги донесе Советот за безбедност поради нејзините нуклеарни тестови и развојот на балистичките проектили.