Путин и Кси на самитот на Г20 во ноември на Бали

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега по должност Кси Џинпинг ќе присуствуваат на самитот на групата земји Г20 на индонезискиот туристички остров Бали во ноември годинава, објави во петокот долгогодишниот советник на индонезискиот претседател Џоко Видодо.

Видодо и Путин имале телефонски разговор при што бил потврден планот на рускиот претседател да присуствува на самитот на Г20, пренесе во петокот агенцијата Bloomberg. Подоцна од Кремљ во соопштение го потврдија разговорот меѓу двајцата челници во текот на кој дискутирале за „прехранбената безбедност“ а биле и „отворени прашањата за подготовката на самитот“.

Анди Видзаџанто, поранешен секретар на индонезиската влада и неофицијален советник на претседателот Џоко Видодо, популарно познат како Џокови, изјавил за Reuters дека двајцата челници ќе му се придружат на самитот.

„Јокови ми рече дека Кси и Путин планираат да присуствуваат на Бали“, рекол Видџаџанто кој е на чело на Националниот институт за отпорност.

Доаѓањето на рускиот и на кинескиот челник на Бали би бил значаен сигнал, имајќи предвид дека тоа би било првото патување на Кси надвор од Кина од јануари 2020 година, кога го посети Мајнмар.

На присуството на руските функционери на самитот на Г20 се противат САД и нивните сојузници и инсистираа Видодо да не го покани Путин, но индонезискиот челник ја отфрли таквата можност уште пред повеќе месеци. Индонезија го амортизираше западниот притисок поканувајќи го и украинскиот претседател Владимир Зеленски, иако неговата земја не е членка на Г20.