Путин и Макрон се надеваат дека Трамп и Ким сепак ќе се сретнат

Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека Москва жали поради откажувањето на самитот меѓу САД и Северна Кореја, а неговиот француски колега по должност Емануел Макрон ги повика двете земји да продолжат да работат на денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја откажа претходно во четвртокот историската средба со севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун којашто требаше да е одржи на 12-ти јуни во Сингапур, поради „отвореното непријателство“ од страна на Пјонгјанг.

Зборувајќи по средбата со Макрон во Санкт Петербург, Путин рече дека се надева оти самитот меѓу Трамп и Ким, сепак, ќе се одржи. Макрон, пак, изјави дека се надева дека потегот на американскиот претседател е „само застој во процесот кој треба да продолжи“.

Коментирајќи го извештајот на холандските иследници за уривањето на малезискиот лет МН17 над источна Украина во 2014 година кога загинаа 298 луѓе, рускиот претседател порача дека Москва ќе го анализира. Претходно во четвртокот Русија објави дека нема никаква ниту индиректна врска со несреќата, потсетувајќи на нејзините истраги коишто покажуваат дека проектилот од ракетниот советски систем „Бук“ е истрелан од позиции кои во тоа време ги држела украинската армија, а не од руска или бунтовничка територија.

Макрон ја повика Москва „конструктивно“ да се носи со извештајот на иследниците кои заклучиле дека најверојатно руска единици ја истрелала ракета којашто го соборила авионот на источна Украина, но не наведуваат зошто авионот се движел по таа рута.

Макрон притоа рече дека летово ќе допатува на Светското фудбалско првенство во Русија само доколку француската репрезентација влезе во полуфиналето.

Активистите за човекови права, вклучително и Human Rights Watch побараа од Макон да го бојкотира првенството поради учеството на Русија во војната во Сирија. Исто така, интригантно е за коментаторите, зошто токму во текот на посетата на Макрон, кој настојува да зазема водечка позиција на европски челник и во поглед на затоплувањето на односите со Москва, се појави извештајот на холандската комисија.

Франција и Русија сакаат да основаат механизам за координација меѓу светските сили за да се продолжи со барањето политичко решение за Сирија, порача Макрон.

Појасни дека идејата е да се координира ткн Процес во Астана, кој се одвива под покровителство на Русија, Турција и Иран а САД одбија да се приклучат, со „помала група“ којашто би ја привлекла Франција, а би ги вклучувала Велика Британија, Германија, Јордан, САД и Саудиска Арабија.

Меѓународните групи, кои досега се обидуваа на иста маса да ги привлечат сите противници и приврзаници на сирискиот претседател Башар ал-Асад, не успеаја да го изнајдат конечното решение за окончување на седумгодишната војна, но процесот во Астана придонесе за формирање на ткн зони на демилитаризација и примирје меѓу бунтовничките групации врз кои влијае Турција и владините сили на Дамаск.