Претседателите на Русија и Франција, Владимир Путин и Емануел Макрон, в понеделник ќе разговараат за начините за враќање на безбедноста во Европа и соработката на Русија со Европската унија, изјави денеска рускиот претседателски советник за меѓународни прашања Јуриј Усаков.
– Освен за билатералните односи, тие ќе разговараат за меѓународните прашања и европската безбедност, имајќи ја предвид улогата на Русија и Франција на европската политичка сцена и фактот дека и двете држави се постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, рече Усаков.
Тој додаде дека обобено интересно ќе биде прашањето за развојот на соработката Русија и ЕУ со оглед на промените во водечките европски институции.
– Русија постојано изразуваше подготвеност да продолжи со политичкиот дијалог со ЕУ. Ние сакаме да ги обновиме контактите со раководството на Европската комисија и другите институции на ЕУ, рече Усаков.
Тој додаде дека најверојатно ќе се разговара и за учеството на Русија во работата на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Усаков рече дека Путин и Макрон, исто така, ќе разговараат за плановите за одржување нов Самит на четворката за Сирија. Тој потсети дека првиот ваков состанок се одржа во септември 2018 година, со учество на претседателите на Русија, Франција и Турција, како и канцеларката на Германија. Усаков додаде дека Русија би сакала прво да се одржи Самит на процесот од Астана, со Турција и Иран покрај Русија.