Путин и Пашинјан се согласија за повлекување на руските војници од неколку ерменски региони

Челниците на Русија и Ерменија, Владимир Путин и Никол Пашинјан, се договорија за повлекување на руските војници и граничари од некои региони на Ерменија, изјави во четвртокот портаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Навистина, поради фактот што условите се сменија <…> Пашинјан и Путин се согласија за ова прашање“, одговорил Песков за медиумите додавајќи дека на барање на ерменската страна, руските граничари ќе останат на границата со Иран и Турција.

Путин се сретна со Пашинјан ден претходно. Шефот на руската држава изрази желба да „разговори за целиот опсег на односи“ меѓу земјите, вклучително и за прашањето за регионалната безбедност, но посочи дека нема потреба да се водат детални дискусии на состанокот во отворен режим.

Сопштението уследи по заминувањето на речиси 2.000 руски мировници од регионот Нагорно-Карабах и околните области, кои беа разместени во раните 1990-те години во текот на ерменско-азербејџанската војна. Азербејџан го поврати овој етничко ерменски регион кој е на азербејџанска територија во куса војна во септември минатата година, по што владата на Пашинјан во Ереван праткични го призна суверенитетот на Баку над Нагорно-Карабах.

Нивното заминување стави крај на повеќегодишното распоредување што ѝ овозможи на Москва да има воено упориште во стратешки важниот регион, Јужен Кавказ. Ерменија, којашто под водство на Пашинјан својата надворешна политика ја свврти кон Франција и САД, исто така, побара од руските граничари да ги напуштат своите позиции на главниот аеродром во Ереван од 1 август.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков во четвртокот изјави дека Путин и Пашинјан на состанокот во средата во Москва постигнале договор за нови заминувања од споменатите области.

„Во есента 2020 година, нашите граничари и членовите на нашите воени сили беа распоредени во бројни ерменски региони на барање на ерменската страна. Пашинјан рече дека денес, поради променетите околности, повеќе нема потреба од тоа. Претседателот Путин се согласи со ова, така што беше договорено повлекувањето на нашата армија и граничарите“, изјави Песков.

Ерменскиот медиумски сервис Sputnik ја пренесе изјавата на висок ерменски политичар од владејачката партија, кој рече дека Путин и Пашинјан се договориле руските сили и граничарите да се повлечат од пет ерменски региони. Сепак, на барање на Ереван, руските граничари ќе останат на границите на Ерменија со Турција и Иран.

Пашинјан ја критикуваше Русија дека не интервенирала за да ги запре азербејџанските сили во Карабах и оттогаш јавно го доведува во прашање традиционалниот сојуз на неговата земја со Русија, која има бројни воени објекти во Ерменија. Москва му одговори дека откако Пашинјан започна со приближувањето на Западот, практично самиот влегол во конкфилкт а по воениот пораз и во преговори со Азербејџан, што предизвика и признавање на суверенитетот над Нагорно-Карабах и масовни протести поради тоа во Ереван.

Претходно, на 22-ри април, Кремљ соопшти дека руската страна не добила никакви сигнали од ерменскиот политички врв во врска со повлекувањето на нејзините граничари од земјата, како и 102-та воена база, коментирајќи ја тогашаната изјава на Пашинјан, кој рече дека граничарите од Руската Федерација ќе ги напуштат позициите во регионот Тавуш. Според него, таму се појавиле руски постови поради влошувањето на ситуацијата во Нагорно-Карабах во 2020 година, но сега ситуацијата се променила поради фактот што линијата на конфронтација таму станала граница.

Неколку дена пред тоа, на 19-ти април, четири села му припаднаа под контрола на Баку по осмиот состанок на меѓудржавните комисии за разграничување на државната граница меѓу Азербејџан и Ерменија. Баку и Ереван тогаш донесоа одлука да извршат разграничување во согласност со Декларацијата на Алма-Ата од 1991 година. Тие имаат намера да договорат еднократно и паралелно распоредување на нивните гранични служби долж линијата на контактот.

Пашинјан ја потпиша декларацијата за признавање на границите на Азербејџан на 5-ти октомври 2023 година, кој го вклучуваше и Нагорно-Карабах. Ова се случи откако конфликтот ескалираше во 2023 година, кога азербејџанската војска ја презеде контролата врз регионот на 19-ти септември истата година и побара целосно повлекување на ерменскиот воен персонал од таму. Следниот ден, страните се договорија за целосен прекин на непријателствата.