Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот ирански колега по должност Хасан Роухани во телефонскиот разговор во неделата се согласиле дека неодамнешните напади на САД, Велика Британија и Франција врз Сирија под изговор за наводен хемиски напад во градот Дума, сериозно им наштетиле на шансите за постигнување политичко решение во Сирија, пренесуваат агенциите повикувајќи се на соопштението на Кремљ.
Челниците истакнале дека овој потег предизвикал „сериозна штета на изгледите да се постигне политичко решение во Сирија“, пренесува агенцијата РИА.
„Владимир Путин особено истакна дека, доколку продолжат таквите акции со коишто се крши Повелбата на обединетите нации, тоа неминовно ќе доведе до хаос во меѓународните одности.
Путин и Роухани во телефонскиот разговор ја коментирале ситуацијата во Сирија откако трите западни земји со проектили ја нападнаа оваа блискоисточна земја, под изговор дека наводно силите на владата на претседателот Башар ал-Асад извршиле на 7-ми април хемиски напад врз последното упориште на исламистичката групација Џаиш ал-Ислам во областа на главниот град Дамаск, иако досега не се приложени никакви докази за ваквите тврдења.
Рускиот и иранскиот претседател, исто така, разговарале и за општата ситуација во регионот на Блискиот исток, вклучително и ситуацијата во Јемен, каде што исто така сутнитските американски сојузници вршат напади врз шиитските и армиските бунтовници кои ги поддржува Иран.
Двајцата челници ја истакнале и неопходноста од натамошен развој на повеќестраната руско-иранска соработка и проширување на меѓусебните корисни врски во трговската и економската сфера, според Кремљ.
Од друга страна, кабинетот на иранскиот претседател нагласува дека во споменатиот разговор Роухани рекол дека „агресивниот“ американски потег открива дека Вашингтон има директни врски со терористите.
„Американците преземаа таква реакција кога почувствуваа дека терористите се протерани од важниот регион каков што е Источна Гута“, рекол Роухани во телефонскиот разговор со Путин ден по нападите врз Сирија и додал дека цел на овие напади била да се „засили моралот на поразените терористи“.
Предупредил дека доколку агресијата и бруталното кршење на меѓународното право лесно се преземаат во иднина и останат без санкции, „ќе бидеме сведоци на нова нестабилноста во регионот но и во глобалниот систем“.
„Нападот на САД и нивните сојузници против Сирија покажа дека се соочуваме со нови проблеми и потребен е нов начин на завршните удари против тероризмот во Сирија и потребни се повеќе консултации и меѓусебна соработка“, рекол Роухани.
И во телефонскиот разговор со сирискиот колега Башар ал-Асад во саботата, Роухани истакна дека нападот е спротивен со меѓународните закони и претставува очигледен знак за поддршка на тероризмот.