Путин и Шолц разговараа за ситуацијата во Украина и за гасоводот Северен тек

(Photo by Mikhail Klimentyev / Sputnik / AFP)

Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговараше во вторникот вечерта со германскиот канцелар Олаф Шолц, истакнувајќи ја ситуацијата во Украина и на осигурувањето на безбедноста нуклеарната централа Запорожје во источна Украина која е под контрола веќе седум месеци на руската војска, соопштија од Кремљ, додека засега нема извештај за разговорите од владата во Берлин.

Рускиот челник на соговорникот му обрнал внимание на „флагрантното кршење“ на меѓународното хуманитарно право и континуираното украинско гранатирања на градовите во отцепената доминантно руска и рускојазична област Донбас во кои гинат цивили и систематски се уништува чувствителната цивилна инфраструктура, се вели во објавата од кабинетот на Путин.

Одговарајќи на прашањето на прашањето на Шолц во врска со заробените украински војници и странски платеници, како што истакнуваат од Кремљ, Путин истакнал дека „Русија за разлика од Украина“, им обезбедува пристап до нив на претставниците на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Рускиот претседател, исто така, ги информирал германскиот канцелар дека во координација со Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) се преземени сите мерки за физичко обезбедување на Запорошката нуклеарна централа. Путин нагласил дека украинската војска изведува континуирани ракетирања врз централата, со што претставува ризик да се предизвика голема катастрофа во најголемата нуклеарка во Европа.

На темата на прехранбената криза, Путин на соговорникот му посочил дека до овој момент нема никаков напредок во отстранувањето на пречките за извозот на руските производи и ѓубрива. Истовремено нагласил дека Москва е подготвена да испорачува повеќе житарки на меѓународните пазари особено во сиромашните земји затоа што речиси целиот украински извор според договорот од Истанбул заминал на пазарите во богатите региони.

Рускиот челник на Шолц му рекол и дека Москва е подготвена и бесплатно да ги транспортира земјоделските ѓубрива блокирани во европските пристаништа, исто така, за сиромашните земји. Кога станува збор за истанбулскиот договор за храната, Путин ја нагласил неизбалансираноста на украинските резерви на житарки во светот и повторил дека само мал дел од украинските земјоделски призводи одат во земјите на коишто им се најпотребни.

Соговорниците, се додава во соопштението од Кремљ, зборувале и за прекинот на испораките на рускиот гас во Германија преку гасоводот Северен тек 1. Путин повторил дека овој проблем е директна последица на западните санкции против Русија, воведени поради војната во Украина, поради што се оневозможува основното техничко одржување на гасоводот.

Путин притоа ги нарекол „цинични“ обидите вината за енергетската криза во Европа да биде префрлена врз Русија, откако испораките на гасот преку своите територии преку гасоводот Јамал-Европа го прекинаа Украина и Полска, како и суспендирањето на работата на гасоводот Северен тек 2, кој е исполнет со гас и подготвен за експлоатација во секое време. Путин истакнал и дека Москва „била и останува сигурен снабдувач“ со енергенси и оти ги исполнува сите обврски кои произлегуваат од договорите.

Европската унија инаку не признава дека технишките проблеми и дефекти на компресорските станици на гасоводот се причина за намалувањето и прекинот на руските испораки преку Северен теј 1 и оти Москва енергенсите ги користи како оружје за одмазда за европските санкции.