Путин и Трамп ќе седнат на преговарачка маса, а Украина ќе биде на мени, изјави Борел

Рускиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп, кој наскоро ќе ја преземе функцијата претседател на САД, ќе седнат на преговарачка маса да разговараат за ситуацијата во Украина, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

– Сите индикации покажуваат дека Трамп и Путин ќе преговараат, а на мени ќе биде Украина. Недамна бев во Украина и разговарав со (украинскиот претседател Володомир) Зеленски за оваа можност. Тој сфаќа дека постои подготвен договор меѓу САД и Русија, но нема да го прифати тоа, што е разбирливо, рече Борел во интервју за радиото Кадена СЕР.

Тој го оцени како загрижувачко вчерашното руско лансирање на балистичка ракета „Орешник“ кон украинскиот воено-индустриски комплекс во Дњепар.

– Лансирањето на проектили од ваков тип, дизајнирани за транспорт на атомско оружје и за огромни растојанија, е сериозно предупредување. Русија сака да покаже дека има воен капацитет што Украина го нема, истакна Борел.

Тој предупреди дека конфликтот ескалира со учество на севернокорејски трупи и интерконтинентални ракети. Според него, Украина треба да има право да користи оружје на руска територија бидејќи нападите доаѓаат од таму, а не од окупираните украински региони.

– Украина покажа неверојатна отпорност. Ова беше кампања што Путин очекуваше да трае две недели, но сега сме во трета година од војната. Украина ќе продолжи да се брани додека ние ја поддржуваме, заклучи Борел.