Путин им се заблагодари на борците на „Вагнер“ кои спречија крвопролевање, но одговорните ќе бидат казнети

Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот вечерта по средбата со челниците на безбедносните агенции и служби во обраќањето до нацијата им се заблагодари на оние борци и команданти на приватната воена компанија „Вагнер“ кои отстапиле од бунтот за да се избегне крвопролевањето, но и вети дека ќе бидат казнети и одговорните за пропаднатиот обид за вооружен бунт.

Во саботата обраќајќи ѝ се на нацијата во директен телевизиски пренос Путин го осуди потегот на челникот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, истакнувајќи дека се повторуваат некои „тешки моменти“ и дека тоа е „заривање нож в грбот“ на Русија во екот на војната во Украина, како и дека „преголемите амбиции и личните интереси доведоа до предавство“, порачувајќи дека сите одговорни ќе бидат изведени пред законот и народот.

„Им благодарам на оние војници и команданти на ‘Групата Вагнер’ кои ја донесоа единствената правилна одлука – не тргнаа кон братоубиственото крвопролевање, застанаа на последната линија. Сега имате можност да продолжите да ѝ служите на Русија со склучување на договор со Министерството за одбрана или други органи за спроведување на законот или да им се вратите на семејствата и пријателите“, рече Путин.

Рускиот претседател порача дека ќе го испочитува своето ветување и секој од борците на „Вагнер“ кој тоа го сака може да замине во Белорусија, каде што треба да замине нивниот шеф Евгениј Пригожин според договорот во кој посредуваше белорускиот претседател Александр Лукашенко

„Секој (од вас) што сака може да оди во Белорусија. Ветувањето што го дадов ќе го исполнам. Повторувам, изборот е на секој од вас, но сигурен сум дека тоа ќе биде изборот на воините на Русија, кои ја осознаа својата трагична грешка“, рече Путин.

Истакна дека „огромното мнозинство“ од борците и командантите на „Вагнер“ се руски патриоти, посветени на својот народ и држава, кои тоа го докажале со својата храброст на бојното поле „ослободувајќи ги Донбас и Новоросија“, југоисточните украински региони доминанто населени со руско и рускојазично население кои се отцепија од Украина по превратот во Киев од 2014 година.

„Се обидоа нив да ги искористат во темнина против нивните браќа по оружје… Затоа, од самиот почеток на настаните, по моја директна инструкција беа преземени чекори за да се избегне големо крвопролевање“, истакна Путин.

Неспоменувајќи го шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, за кој се сметаше за една од најблиските личности на рускиот претседател, Путин порача дека Русија во саботата докажала дека „секоја уцена е осудена на пропаст“, како и дека за сето тоа треба да мине време.

„Вклучително и да им се даде шанса на оние кои згрешиле да размислат, да сфатат дека нивните постапки одлучно ги отфрли општеството и до какви трагични, катастрофални последици за Русија, за нашата држава водеше авантурата во која беа вовлечени“, укажа Путин.

„Ви се заблагодарувам (на Русите) на вашата отпорност, на вашето единство и на вашиот патриотизам… Повеќето во ‘Вагнер’ се исто така руски патриоти. Покажаа храброст… но беа поттикнати да се борат против своите сонародници. Свртувајќи се назад, избегнаа крвопролевање. Мораме да размислиме за луѓето кои всушност се решиле да го сторат ова“, рече Путин.

Рускиот претседател истакна дека од самиот почеток на бунтот властите веднаш ги донеле сите неопходни одлуки за неутрализирање на заканата по уставниот поредок, животот и безбедноста на Русија.

„Вооружениот бунт во секој случај ќе беше задушен“, нагласи Путин и додаде дека тоа го сфатиле и „организаторите на бунтот, и покрај губењето на рационалноста“.

„Сите тие сфатија, меѓу другото, дека преминаа во криминални дејствија, да ја поделат и ослабат земјата, којашто во моментов се соочува со колосална надворешна закана, невиден притисок однадвор. Кога на фронтот гинат нашите другари со зборовите ‘ни чекор назад’“, рече Путин.

Меѓутоа, обвини рускиот претседател, организаторите на бунтот ја предале својата земја и оние кои со измама ги втурнале во смрт и поттикнувајќи да пукаат во своите сонародници.

„Токму таков исход – братоубиство – посакуваа непријателите на Русија, неонацистите во Киев, нивните западни покровители и сите народни предавници. Сакаа руските војници да се убиваат меѓу себе, за на крајот Русија да биде поразена а нашето општество да се подели, да се задуши во крвава меѓуграѓанска пресметка“, нагласи Путин.

Путин порача дека противниците на Москва „ги триеја рацете, сонуваа да се одмаздат за своите неуспеси на фронтот и во текот на ткн противофанзива, но погрешно пресметаа“.

„Им благодарам на сите наши војници, припадници на службите за спроведување на законот, специјалните служби кои им застанаа на патот на бунтовниците, останаа верни на својата должност, на положената заклетвата и на својот народ. Храброста, самопожртвуваноста на паднатите херои пилоти ја сочуваа Русија од трагичните, разорни последици“, рече Путин.

Со тоа, се чини, дека Путин ги потврди информациите дека бробените авиони на „Вагнер“ собориле шест хеликоптери и транспортен авион на руската војска, од кои три хеликоптери „Ми-8“ кои се користат за електронско војување кои повеќе не се испраќаат на фронтот во Украина, борбени јуришни хеликоптери „Ми-24“ и антитенковски хеликоптер „К-2“, како и транспортен авион „Ил-18“ и при што загинале најмалку 13 руски пилоти.

„Беше покажана највиска консолидација на општеството, извршната и законодавната власта на сите нивоа. Цврста недвосмислена позиција за поддршка на уставниот поредок што ја заземаа општествените организации, верските конфесии, водечките политички партии, всушност целото руско општество. Сите ги обедини и сплоти главното – одговорноста за судбината на татковината“, истакна Путин.

Рускиот челник, исто така, изрази благодарност и до белорускиот претседател Александр Лукашенко за неговите напори и придонесот во мирното надминување на кризата која е најголемата откако Путин дојде на власт, а особено по почетокот на инвазијата во Украина ланскиот февраури.

„Но, ќе повторам, патриотскиот дух и консолидацијата на целото руско општество ја одиграа одлучувачката улога овие денови. Таа поддршка ни овозможи заедно да ги надминеме најтешките искушенија за нашата татковина.. “, го заклучи Путин своето вечерно обраќање.