Путин испрати сочувство до семејството на Пригожин: Беше талентиран бизнисмен, но направи сериозни грешки

Рускиот претседател Владимир Путин изрази сочувство до семејството на шефот на платеничката група „Вагнер“ Евгениј Пригожин, пренесува Ројтерс.

Пригожин беше меѓу десетте патници и членови на екипажот на приватниот авион што вчера се урна во близина на Москва. Во несреќата нема преживеани, но се уште официјално не е објавено дека меѓу жртвите е и Пригожин.

Путин денеска изјави дека истрагата за авионската несреќа ќе потрае некое време.

Тој изјави дека Пригожин е „талентиран бизнисмен“ и дека го познава од деведесеттите години на минатиот век. Тој исто така тврди дека Пригожин „имал тежок животен пат и направил сериозни грешки во својот живот“.

Не престануваат реакциите и прашањата околу авионската несреќа, а се анализира како тоа би можело да влијае врз натамошниот развој на настаните во Русија и во Украина.