Путин ja одобри новата нуклеарна доктрина со која ги предупредува САД

Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот ja одобри ажурирана верзија на нуклеарната доктрина, велејќи дека Русија може да размисли за употреба на нуклеарно оружје доколку самата таа или нејзините сојузници, во прв ред Белорусија со која од почетокот на 1990-те години има договор за ткн Сојузна држава, се соочи со конвенционален ракетен напад поддржан од нуклеарни сили.

Одлуката за промена на официјалната нуклеарна доктрина на Русија е всушност одговор на Кремљ на најавената одлука на администрацијата на американскиот претседател во заминување Џо Бајден да ѝ дозволи на Украина да истрела американски ракети со долг дострел длабоко на територијата на Русија.

Обновената доктрина, која ги опишува заканите кои би го принудиле руското раководство да размисли за нуклеарен напад, вели дека нападот со конвенционални ракети, беспилотни летала или други летала може да се смета дека ги исполнува овие критериуми.

Наведено и дека секоја агресија на земја-членка на коалицијата против Русија, Москва ќе ја смета како заедничка агресија на целата коалиција.

Путин предложи ажурирање на Основите на државната политика на 25-ти септември на состанокот на Советот за безбедност за нуклеарно одвраќање.

Само неколку седмици пред американските претседателски избори во ноември, Путин наложи промени во нуклеарната доктрина да се наведе дека секој конвенционален напад врз Русија поддржан од нуклеарна сила може да се смета за заеднички напад врз Русија.

Две иполгодишната војна во Украина ја предизвика најлошата конфронтација меѓу Русија и Западот од кубанската ракетна криза во 1962 година – што се смета за најблиску до нуклеарна војна на двете суперсили од Студената војна.

НОВАТА РУСКА НУКЛЕАРНА ДОКТРИНА

Владимир Путин ги одобри Основите на државната политика во областа на нуклеарното одвраќање, претседателскиот декрет и самиот текст на документот беа објавени на веб-страницата на официјалното објавување на правните акти.

„Гарантираното одвраќање на потенцијалниот непријател од агресија против Руската Федерација и (или) нејзините сојузници е еден од највисоките државни приоритети“ се вели во документот.

Основите на државната политика укажуваат на карактеристиките на нуклеарното одвраќање и обезбедуваат услови за руската транзиција кон употреба на нуклеарно оружје:

државната политика на полето на нуклеарното одвраќање има одбранбен карактер;

Русија го гледа нуклеарното оружје како средство за одвраќање, чија употреба е екстремна и неопходна мерка;

одвраќањето на потенцијалниот непријател од агресија против Русија и нејзините сојузници е еден од највисоките владини приоритети;

Русија може да користи нуклеарно оружје во случај на агресија против себе или Белорусија, доколку се создаде критична закана за територијалниот интегритет;

агресија на која било држава од воена коалиција против Русија или нејзините сојузници се смета за агресија на оваа коалиција како целина;

агресијата врз Русија или нејзините сојузници од ненуклеарна држава со поддршка на нуклеарна се смета за заеднички напад;

Русија го задржува правото да користи нуклеарно оружје како одговор на употребата на оружје за масовно уништување против неа или нејзините сојузници;

Русија практикува нуклеарно одвраќање против потенцијален противник: држави, блокови и сојузи кои ја сметаат Русија за противник.

Документот ја открива и суштината на нуклеарното одвраќање:

Државната политика за нуклеарно одвраќање е насочена кон одржување на потенцијалот на нуклеарните сили на ниво доволно за нуклеарно одвраќање;

неизвесноста за потенцијален противник за обемот и локацијата на употребата на нуклеарни сили е вклучена во принципите на нуклеарно одвраќање;

нуклеарното одвраќање има за цел да обезбеди потенцијалниот противник да ја разбере неизбежноста од одмазда во случај на агресија против Русија;

државната политика во областа на нуклеарното одвраќање во воен конфликт гарантира прекин на непријателствата под услови прифатливи за Русија;

одржувањето на постојана подготвеност на посветен дел од нуклеарните сили за одвраќање за употреба е вклучено во принципите на руското нуклеарно одвраќање.

Русија ги прави сите неопходни напори за намалување на нуклеарната закана;

распоредувањето на системи за ракетна одбрана во вселената од страна на непријателот е опасност што треба да се неутрализира со нуклеарно одвраќање;

централизацијата на контролата на нуклеарните сили, вклучително и оние лоцирани надвор од руската територија, е вклучена во принципите на нуклеарно одвраќање;

нуклеарното одвраќање е обезбедено со присуство во руските вооружени сили на сили и средства способни да му нанесат неприфатлива штета на непријателот со нуклеарно оружје.