Русија би можела да ги пренасочи транзитот на својот природен гас од гасоводите Северен тек по саботажата во Балтичкото Море преку кој се испорачуваше во Германија и Европа, кон регионот на Црното Море и Турција, изјави во средата рускиот претседател Владимир Путин во обраќањето на почетокот на форумот Руска енергетска недела.
„Загубениот обем на транзитот на гасот преку гасоводите Северен тек по дното на Балтичкото Море, би можело да ги пренасочиме кон регионот на Црното Море и на тој начин да ги воспоставиме главните рути за испораките на нашиот енергенс… во Европа преку Турција, правејќи ја Турција најголемиот гасен хаб за Европа, доколку, секако, за тоа се заинтересирани нашите партнери“, рече Путин во обраќањето пренесувани на телевизијата и платформите.
Според рускиот претседател, ваквата одлука има економска изводливост, а освен тоа нивното на безбедност на таа рута е многу повисоко.
Путин во понеделникот ги спомена обидите на украинските тајни служби и властите во Киев да кренат во воздух една од делниците на гасоводот Турски тек, за што беше известено летово.
Истовремено, Путин истакна дека Русија е подготвена да продолжи со испораките на гасот во Европа преку едниот неоштетен цевковод на Северен тек 2. Овој гасовод Германија под притисокот на САД го суспендираше пред почетокот на војната во Украина беше подготвен за експлоатација и наполнет со гас. Во меѓувреме во средата портпаролот на владата во Берлин изјави дека не се разгледува можноста да биде експлоатиран овој цевковод од гасоводот како што предложи рускиот челник.
„Топката, како што велат, е на страната на Европската унија. Доколку сакаат, нека ја отворат славината, и тоа е тоа. Ние никого не ограничуваме со ништо, во таа смисла подготвени сме да обезбедиме дополнителни количества во периодот есен-зима“, рече Путин.
Нагласи дека Русија секогаш ги исполнува своите обврски и оти по тоа се разликува од западните земји. Како пример го повтори случајот со САД кога американските танкери кои пренесуваа американски течен гас (LNG) за Европа, на половина пат ја сменија насоката и се упатија кон други дестинации поради повисоките цени на другите пазари.
„Кога станува збор за оштетените Северен тек 1 и Северен тек 2, тие може да бидат санирани, но тоа ќе има смисла само доколку продолжат да функционираат во основната намена и да се добијат безбедносни гаранции“, додаде Путин.
Според него, сепак, во моментов светската економија и енергетскиот сектор доживуваат остра криза, предизвикана меѓу другото и од „отворено субверзивните акции на одделни учесници на пазарот“ коишто понекогаш „едноставно ја уништуваат инфраструктурата на конкурентите“.
Хавариите на двата гасовода Северен тек на крајот од септември во територијални води на Шведска и Данска, според Путин се чин на меѓународен тероризам, чијашто цел е поткопување на енергетската безбедност на целиот европски континент.
„Сите факти се докажани и документирани, а идеолозите, нарачателите на овие злосторства се оние кои на крајот имаат полза од нестабилноста и конфликтите“, заклучи Путин кој претходно во обраќањето повеќе се задржа на ова прашање.