Рускиот претседател Владимир Путин во петокот изјави дека во втората половина на следната година Русија би можела да ја распореди новата суперсонична ракета со среден дострел „Орешник/Арешник“ (лешник) на територијата на рускиот сојузник Белорусија, а двете земји имаат договор за сојузна држава.
Најавата на Путин е одговор на барањето на белорускиот претседател Александр Лукашенко на самитот во Минск каде двајцата лидери потпишаа безбедносен договот.
Денеска Путин му рекол на Лукашенко дека самата Белорусија, која ја дели границата со членките на НАТО – Полска, Латвија и Литванија, ќе одреди цели за ракетите „Орешник“ распоредени на нејзина територија.
„Во врска со распоредувањето на ова, искрено кажано, застрашувачко и зачудувачки оружје како ‘Орешник’, на територијата на Белорусија, можам да кажам дека со оглед на тоа што денеска потпишавме договор за безбедносни гаранции користејќи ги сите сили и средства кои ни стојат на располагање, верувам дека распоредувањето на таков систем на територијата на Република Белорусија е изводливо“, рече Путин.
„Мислам дека тоа ќе биде можно во втората половина на следната година, бидејќи сериското производство на овие системи се зголемува во Русија и кога тие ќе влезат во употреба со стратешките руски сили“, додаде Путин.
Минатиот месец Русија првшпат воопшто истрела проектил „Орешник“ над украинскиот град Днипро (Дњепропетровск, руски назив) уништувајќи го најголемиот добро утврден коплекс од украинската воена индустрија кој датира уште од советската ера „Јужмаш“, опишувајќи го како прво тестирање на оружјето во борбени услови.
Путин потоа рече дека Русија „тестирала еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел под борбени услови“ и додаде дека хиперсоничната ракета, иако самата има огромна кинетичка моќ, може да носи десетии нуклеарни боеви глави и дека е невозможно да биде пресретната имајќи предвиде дека нејзините боеви глави понираат на целите со брзина од 10 маха(или 2,5–3 километри во секунда споменати), а боевата глава влегува во атмосферата со хиперсонична брзина и речиси вертикално понира кон зададената цел.
Во петокот, двајцата претседатели склучија договор за меѓусебни безбедносни гаранции во Минск, по повод 25-годишнината од безграничната унија и сојузот меѓу двете поранешни советски републики.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека ова е „апсолутно реципрочна иницијатива и дека логиката на развојот на настаните ја диктира потребата од овој документ“.
Минатиот месец Путин ја промени нуклеарната доктрина која ги опишува заканите што ќе го принудат руското раководство да размисли за нуклеарен напад. Според ажурираната доктрина, Русија може да размисли за користење нуклеарно оружје доколку биде нападната со конвенционални ракети поддржани од нуклеарна сила, а исто така го продолжува рускиот нуклеарен чадор што ја покрива и Белорусија.
Нуклеарното оружје беше повлечено од Белорусија по падот на СССР во 1991 година, но Путин минатата година таму распореди тактички нуклеарни проектили како одвраќање. Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, во октомври рече дека за секоја употреба на руско нуклеарно оружје во Белорусија ќе биде потребна негова лична согласност.
Договорот за формирање Унија (Сојузна држава) Белорусија и Русија е потпишан на 8-ми декември 1999 година. Неа ѝ претходеше формирањето на Заедницата на Белорусија и Русија во април 1996 година, а во април 1997 година на Сојузот Белорусија и Русија, со крајна цел создавање заедничка држава.
Во една анкета спроведена во 2019 година, повеќе од половината или 59 отсто испитаници Руси не знаеле воопшто дека постои ваква општествена формација меѓу двете соседни земји.
По доаѓањето на власт на белорускиот претседател Александр Лукашенко исчезна ентузијазмот за поголема политичка интеграција, бидејќи тој стравуваше од губењето на овластувањата и моќта, а често во минатото кокетираше и со Западот.
Меѓутоа, Лукашенко се премисли откако увиде дека западните земји во својот поход кон Русија имаат намера да изведат во Минск сличен преврат како и во Киев во 2014 година, а по претседателските избори во мај 2019 година кога не му беше признаена надмоќната победа и беа организирани масовни протести под обвинение дека се наместени резултатите. Тогаш Москва тогаш финансиски го поддржа во врска со наметнатите санкции, а му помогна и во нормализирање на безбедносната состојба имајќи ги предвид зголемените трупи на НАТО на белоруските граници.