Путин на Драги му порачал дека Русија е подготвена да помогне во надминување на прехранбената криза

Моменталната прехранбена криза е отежната поради антируските санкции, но Русија е подготвена да го извезува житото и вештачките ѓубрива доколи тие бидат укинати, рекол во четвртокот рускиот претседател Владимир Путин во телефонскиот разговор со италијанскиот премиер Марио Драги и го уверил во расположеноста на Москва да продолжи со испораките на гас за неговата земја, соопштија од Кремљ.

Кремљ и во четвртокот ги отфрли обвинувањата од западните земји според кои Москва од почетокот на нејзината воена офанзива во Украина го попречува извозот на украинските житарки што може да предизвика глобална прехранбена криза, и го обвини Западот за блокада на украинскиот извоз.

Украина, која е голем извозник на житарки, во прв ред пченка и пченица, е оневозможена да произведува во толкав обем како претходно поради војната. Русија, пак, е вториот најголем светски производител на житарки, не може да го извезува своето производство и вештачкото ѓубриво што е неопходно за земјоделското производство во многу земји во светот, поради западните санкции воведени за финансискиот и логистичкиот сектор.

„Владимир Путин истакна дека Руската Федерација е подготвена да даде значаен придонес во надминувањето на прехранбената криза преку извоз на житарки и вештачки ѓубрива, под услов да бидат укинати политички мотивираните ограничувања од Западот“, се наведува во соопштението на Кремљ во кое се истакнува дека разговорот се одржал по барање на италијанската страна.

Досега официјален Рим не се огласи со соопштение во врска со содржината од телефонскиот разговор меѓу Драги и Путин.

Според Москва, пак, во текот на разговорот „детално била разгледана ситуацијата во сферата на глобалната прехранбена безбедност“.

„Истакнувајќи ја неоснованоста на обвинувањата кон Русија за проблемите со снабдувањето на земјоделските производи на светските пазари, Путин го истакна фактот дека појавените тешкотии се поврзани, меѓу другото, и со нарушувањето на функционирањето на производствените и логистичките синџири, како и за финансиската политика на западните земји во текот на пандемијата на коронавирусот“, се истакнува во соопштението на Кремљ.

Путин по ова прашање истакнал дека ситуацијата се влошила како резултат на политиката на санкции коишто САД и Европската унија подолги години ја водат против Русија.

Преговорите со Киев и безбедноста на пловидбата

Русија во понеделникот потврди дека го добила мировниот план кој го изработи владата на Италија за Украина и оти го проучува.

Италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо минатиот петок потврди дека неговата земја предложила во ОН формирање „меѓународна група за посредување“ за да се обиде да постигне „чекор по чекор“ прекин на огнот во Украина. Според Ди Мајо, „групата за посредување“ предложена од ОН „треба да се обиде да го врати дијалогот меѓу двете земји, кои моментално се во војна“.

Деталите за планот не се објавени, но според италијанскиот весник „Република“, прилично деталниот документ презентиран во ОН и составен од дипломати од италијанското Министерство за надворешни работи предвидува четири фази: – Прекин на огнот во Украина и демилитаризација на фронтот под покровителство на ОН; – Преговори за статусот на Украина за влез во Европската унија, но не и во НАТО; – Билатерален договор меѓу Украина и Русија за Крим и Донбас (овие спорни територии добиваат целосна автономија со правни гаранции за нивната безбедност, но остануваат под суверенитет на Украина); – Склучен мултилатерален договор за мир и безбедност во Европа, насочен особено кон разоружување, контрола на вооружувањето и спречување конфликти.

Рускиот претседател и италијанскиот премиер во четвртокот, исто така, разговарале за ситуацијата во Украина, при што двајцата челници се осврнале на потребата од обновување на нормалниот живот во источната доминантно проруска областа Донбас која е речиси целосно под контрола на силите на двете одметнати самопрогласени народни републики во Доњецк и Луганск.

Притоа Путин го нагласил замрзнувањето на руско-украинските мировни преговори од страна на Киев и од двете страни биле дадени оцени за преговарачкиот процес.

Во објавата на Кремљ се истакнува дека рускиот челник детално зборувал за преземените чекори за осигурување на безбедноста на пловидбата „вклучително и секојдневното отворање хуманитарни коридори за излез на цивилните бродови од пристаништата на Азовското и на Црното Море, што е попречено од украинската страна“.

Во средата високиот руски дипломат Андреј Руденко рече дека решението на кризата ја гледа во укинувањето на санкциите против Русија и во деминирањето на украинските пристаништа што треба да го спроведе Киев. Додаде дека Москва е подготвена потоа да ги осигури безбедните поморски коридори за бродовите да можат да извезуваат.

Италија има цел да овозможи извоз на житарките блокиран во црноморските пристаништа, изјави премиерот Драги за новинарите по разговорот со Путин.

„Првата иницијатива којашто би можела да се истражува е да се види дали може да се изгради соработка меѓу Русија и Украина за деблокирање на црноморските пристаништа“, рекол Драги.

Италијанскиот премиер додал дека за ова прашање наскоро ќе разговара со украинскиот претседател Владимир Зеленски.,

Киев ја обвинува Русија за оневозможување на извозот на житарки, којашто е главниот прехранбена извозна сировина за двете земји. Москва, пак, од почетокот на војната предупредува дека Украина ги распоредила подводни мини пред пристаништата што ја загрозува безбедноста на пловењето.

Руското министерство за одбрана соопшти во четвртокот дека цивилните пловила отсега можат безбедно да го користат пристаништето во Мариупол коешто е целосно деминирано, како и дека е отстранета опасноста од подводните мини. Според Москва, шесте странски бродови со сув товар во пристаништето сега може слободно да испловат преки безбедносниот морски коридор. Бродовите се од Бугарија, Доминикана, Либерија, Панама, Турција и Јамајка, и Москва ги повика владите на тие земји да ги повикаат сопствениците на пловилата за самите да ги преземат.

 

 

Испораките на гас

Италија е меѓу најголемите потрошувачи на гас во Европа, кој е со 42 отсто застапен во нејзината потрошувачка на енергенси, а 95 отсто од вкупните количества ги увезува, а рускиот гас покрива 45 отсто од потребите на земјата. Владата започна „дипломатска офанзива“ во Африка за да ја избегне зависноста од рускиот гас: во Алжир и во Египет, пред католички Велигден, а оваа седмица во Конго и Ангола, а во мај во Мозамбик.

Во Рим предвидуваат дека на Италија ќе ѝ бидат потребни 18 месец да се откаже од рускиот гас, наспроти претходните процени дека на земјата за тоа ќе ѝ бидат потребни „меѓу 24 и 30 месеци“.

Путин во продолжението на телефонскиот разговор го уверил Драги во намерите на Русија да продолжи со испораките на природен гас за Италија.

„Во текот на разговорот за прашањата за енергетската безбедност, беше потврдена намерата на руската страна и натаму да обезбедува непречено снабдување со природен гас за Италија по цени утврдени во договорите“, соопштија од Кремљ.

Од почетокот на април Русија воведе нова процедура за плаќање на испораките на рускиот гас од земјите кои ѝ воведоа санкции и Москва ги означува како „непријателски“. Купувачите од тие држави треба да отворат сметки во руската „Газпромбанк“ на којашто ќе ги уплаќаат сумите во странски валути, која на Московската берза ќе купува рубљи и ќе ги префрли на посебни сметки на увозниците. Истовремено Русија ќе продолжи со испораките во обем и по цени утврдени со претходните договори.

Откако повеќе земји од ЕУ се спротиставија на таквиот начин на плаќање, а Москва ги запре испораките за Полска и за Бугарија, досега повеќе од 20 компании од земјите членки отворија сметки во рубљи во „Газпромбанк“. Неодамна и италијанската енергетска компанија „Eni“ соопшти дека отворила таква сметка, која според предложената нова шема за испораките на гасот во рубљи, со цел да се спречи замрзнување на еврото, во банката којашто ќе се занимава со конверзија на валутите.