Путин негираше дека Русија има намера да ја „апсорбира“ Белорусија

Рускиот претседател Владимир Путин негираше секакви наводни планови на Русија за целосно апсорбирање на соседната Белорусија, нарекувајќи го тоа „бессмислица“.

Путин во понеделникот по повеќе од три години допатува во белоруската престолнина Минск, на средба со својот колега по должност Александр Лукашенко чија земја е под низа санкции од Европската унија, во прв ред поради нејзиното тесно сојузништво со Русија, а под изговор за наводно непочитување на човековите права.

Путин во јули годинава на по средбата со Лукашенко во Москва изјави дека сѐ поголемиот политички притисок од Западот ја забрзува интеграцијата на Белорусија со Русија, која се одвива со различен интензитет повеќе од две децении.

„Русија нема интерес да апсорбира никого, едноставно нема целисходност да го прави тоа“, одговори Путин на заедничката прес-конференција со домаќинот Лукашенко, пренесува агенцијата ТАСС.

Путин појаснил дека станува збор за вообичаена поблиска соработка меѓу две земји кои имаат низа меѓусебни договори.

„Не станува збор за апсорбирање, туку за координација на економските политики, како што се прави во многу други интегративни сојузи. Сите други тврдења се глупости, обиди на нашите злонамерници да го забават процесот на интеграција. А тоа го прават само за да не добијат ефикасни и опасни за нив конкуренти на светските пазари“, појаснил Путин.

Според него, на разговорите со белорускиот челник биле дискутирани темите за формирањето на цените, и оцени дека средбата била „суштинска“.

„Би рекол дека наједноставните секојдневни животни прашања, во време многу чувствително за економијата, се цените, утврдувањето на тарифите во енергетскиот состанок. Денешните разговори …., апсолутно во право беше Лукашенко, беа многу конструктивни и суштински“, изјавил рускиот челник.

Договорот за формирање Унија (Сојузна држава) Белорусија и Русија е потпишан на 8-ми декември 1999 година. На тоа претходеше формирањето на Заедницата на Белорусија и Русија во април 1996 година, а во април 1997 година на Сојузот Белорусија и Русија, со крајна цел создавање заеднички државен сојуз. Според Договорот за Унијата, секоја држава останува суверена, но на граѓаните на другата држава им дава право на престој и државјанство. Унијата промовира економска интеграција, но пред две децении пропаднаа обидите за воспоставување заедничка валута. Потписничките се должни и една на друга да ѝ помогнат во случај на напад од трета земја.

Во една анкета спроведена во 2019 година, повеќе од половината или 59 отсто испитаници Руси не знаеле воопшто дека постои ваква општествена формација меѓу двете соседни земји.

По доаѓањето на власт на белорускиот претседател Александр Лукашенко исчезна ентузијазмот за поголема политичка интеграција, бидејќи тој стравуваше од губењето на овластувањата и моќта, а често во минатото кокетираше и со Западот, во 2018 година во Минск првпат допатува висока .

Меѓутоа, Лукашенко се премисли откако увиде дека западните земји во своето приближување до границите на Русија имаат намера да изведат во Минск сличен преврат како и во Киев во 2014 година, а по претседателските избори во мај 2019 година кога не му беше признаена надмоќната победа и беа организирани масовни протести под обвинение дека се наместени резултатите. Тогаш Москва финансиски го поддржа во врска со наметнатите санкции, а му помогна и во нормализирање на безбедносната состојба имајќи ги предвид зголемените трупи на НАТО на белоруските граници и тензиите во земјата.