Путин: Ние не ја започнавме војната, се обидуваме да ја завршиме

Русија не ги започна воените дејствија во Украина, туку се обидува да им стави крај зашто тие започнаа во 2014 година, изјави во четвртокот рускиот претседател Владимир Путин на две седмици пред годишнината од почетокот на руската инвазија во соседна Украина, чиј претседател Володомир Зеленски истовремено во Брисел потврди дека Киев немал намера да ги почитува договорите за запирање на граѓанската војна во земјата.

„Сакам за тоа уште еднаш да кажа: ние не започнавме никакви воени дејствија, ние се обидуваме да ги завршиме. Тие непријателство ги започнаа националистите во Украина и оние коишто ги поддржаа во 2014 година, кога беше извршен државен удар (…) сево ова започна со тоа, а потоа следуваа настаните во Крим и Донбас“, рече Путин на средбата со претставниците на руската воздухопловна индустрија.

Путин истакна дека Киев ја започнал војната во Донбас во 2014 година, кршејќи ги сите договори и преземени обврски кои произлегуваат од меѓународното право, ставајќи ги во целосна блокада регионите Доњецк и Луганск со мнозинско руско и рускојазично население.

„Врз нив (Доњецк и Луганск) почнаа (властите во Киев) да дејствуваат со тешко вооружување, постојано спроведуваа големи воени операции . Потоа започнаа војна. Таа траеше осум години со цел да ги истребат луѓето кои таму живеат и себеси се чувствуваат крвно поврзани со Русија, руската култура, рускиот јазик. Колку долго можеше да се трпи тоа?“, истакна Путин.

Истовремено во четвртокот во интервјуто за германскиот весник Der Spiegel украинскиот претседател Володомир Зеленски потврди дека никогаш немал намера да ги спроведе договорите за запирање на насилствата меѓу Киев со проруските бунтовници од Доњецк и Луганск потпишани во Минск во 2014 и 2015 година а на кои гаранти беа Украина, Русија, Германија и Франција, со кои двата региона требаш да добија широка автономија во рамките на украинската држава.

„Кога станува збор за Минск во целина, им реков на (францускиот претседател) Емануел Макрон и (поранешната германска канцеларка) Ангела Меркел; нема да можеме да ги спроведеме така“, вели Зеленски.

Додава и дека истото му го кажал и на Путин во текот на нивната прва и последна средба во ткн Нормандиски формат (Украина, Русија, Германија и Франција за Минските договори) во 2019 година.

„Му го кажав истото како и на другите двајца. Тие беа изненадени и ми одговорија: ‘Ако однапред знаевме дека ќе ја изменете смислата на нашата средба, тогаш ќе имаше проблеми уште пред самитот“, го цитира весникот Зеленски.

Додава и дека властите во Киев ги користеле договорите од Минска главно само за размена на воените заробеници според принципот „сите за сите“.

Кон крајот на 2022 година, тогаш веќе поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во интервју потврди дека „договорите од Минск… беа само обид да ѝ се даде време на Украина“ да ја зајакне својата војска. Подоцна нејзиното тврдење го потврди уште еден од гарантите на договорите од белоруската престолнина, тогашниот француски претседател Франсоа Оланд, кој истакна дека „тогашната геополитичка ситуација не ѝ одеше во прилог на Украина, а на Западот му беше потребна пауза“ во украинската криза.

Инаку на почетокот од февруари минатата 2022 година, дваесеттина дена пред почетокот на руската инвазија, сегашниот француски претседател Макрон по разговорите со Зеленски во Киев изјави дека украинската страна наводно покажала расположение за исполнување на одредбите од договорите на Минск. Меѓутоа, Путин објавувајќи го почетокот на офанзивата во Украина тврдеше дека Москва поседува сигурни сознанија дека властите во Киев се подготвувале во март таа година да започнат масивна офанзива со цел погром и етничко чистење на руското население од Доњецк и Луганск.

 

 

Рускиот челник инаку претходно во четвртокот зборуваше за настаните кога со поддршка на западните земји во Киев дојде до насилно преземање на власт откако неколку дена претходно под покровителство на Германија, Франција и Полска тогашниот украински претседател Виктор Јанукович, кој одржуваше тесна соработка со Москва, се согласи на уставни реформи со кои ќе беа ограничени претседателските овластувања какви што ги има и сегашниот претседател Володомир Зеленски и пролетта 2014 година да се одржат предвремени парламентарни избори.

Следеа насилства во Киев кои се повторија и во Одеса со палењето живи на 45 лица поддржувачи на тогаш владејачката Партија на регионите чии пратеници потоа беа со оружје избркани од Врховната Рада (украинскиот парламент) и забранета, Јанукович беше евакуиран во Русија, а доминантното мнозинство во југоисточните региони Доњецк и Луганск се отцепија откако новата власт во Киев именуваше нови наместо избраните регионални гувернери. Истовремено беше забранета и употребата на рускиот јазик кој во тој момент го користеа повеќе од половината граѓани во Украина, започнаа борби во кои проруските сепаратисти тогаш ги контролираа и градовите Мариопол и Херсон, кои подоцна беа заземен од војската лојална на власта во Киев.

Истовремено, во март 2014-та големото руско мнозинство на црноморскиот полуостров Крим, каде во Севастопол е историското седиште на руската Црноморска флота, со два референдума ја врати автономијата укината во 1990-те по осамостојувањето на Украина од СССР и реши да се врати во составот на Русија од која е отцепен и присоединет на Украина во 1956 со едноставен декрет на тогашниот советски комунистички челник Никита Хручов, инаку етнички Украинец.