Путин: Новите американски санкции ќе ги комплицираат меѓусебните односи

Новите санкции против Русија коишто ги изгласа американскиот сенат дополнително ќе ги комплицираат односите меѓу Москва и Вашингтон, изјави во саботата рускиот претседател Владимир Путин.

„Секако дека таквите санкции ќе ги закомплицираат руско-американските односи. Го сметам тоа за многу штетно. Меѓутоа, какви одлуки и да се носат од онаа страна на океанот, нема да нѐ доведат во безизлезна ситуација и нема да нѐ урнат, Но треба уште да се види што од тоа ќе биде“, изјави рускиот претседател.

Тврдејќи дека „прерано е во моментов да се зборува за рускиот одговор на тие санкции“, Владимир Путин истакна дека Русија ќе умее „да се прилагоди, да стори уште нешто дополнително, нешто што бара особено внимание“.

Американскиот Сенат во средата гласаше за „казнување на Русија“ која наводно била вмешана во американската претседателска кампања во 2016 година, одобрувајќи го предлогот за санкции кои би требало американскиот претседател Доналд Трамп да го спречат во евентуалната намера да ги олабави односите со Москва. Сенаторите ги прифатија санкциите со 97 гласови „за“ и 2 „против“.

Претходните санкции воведени против Русија пред речиси две години беа поради наводното учество во Русија во украинската криза и присоединувањето на црноморскиот полуостров Крим, како и за поддршка на сириската влада во шестгодишната граѓанска војна