Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека одамна во Москва се сретнал со основачот на Telegram, Павел Дуров, кој се соочува со можна кривична пријава во Франција.
„Тоа беше средба со претприемачи“, рече Путин во четвртокот на Источниот економски форум во Владивосток. „Оттогаш не сме се виделе, оттогаш никогаш не сме биле во контакт“, додаде тој.
Путин негира дека се сретнал со Дуров со руско потекло непосредно пред неговото апсење во Париз. Истовремено, тој ги критикуваше постапките на француските власти против милијардерот.
Дуров беше во Азербејџан непосредно пред неговото апсење, што се совпадна со официјалната посета на Путин на кавкаската република. Медиумите објавија дека Дуров побарал средба со Путин во Баку, но Путин сега изјави дека не знаел дека Дуров бил таму. Додаде дека нема да одбие да се сретне со него во Москва.
Инаку Дуров на француските полицајци пред апсењето им рекол дека има договорена вечера со претседател Емануел Макрон кој со дискреционо право пред неколку години му даде француско државјанство. Рускиот претприемач, инаку има и дравјанство на Обединетите Арапски Емирати каде што го пресели седиштетот на својата компанија од Русија
Иследниците го обвинуваат Дуров за недоволна соработка со властите во кривичните истраги и за помагање и поттикнување криминални дејствија на неговата апликација за пораки, меѓу другото, соопшти јавното обвинителство во Париз.
Дуров е осомничен дека бил соучесник во трговија со дрога, перење пари, измама и повеќе кривични дела поврзани со злоупотреба на деца поради недоволно регулирање на Telegram и недоволна соработка со надлежните органи.
Дуров беше приведен на аеродромот „Ле Бурже“ на 24-ти август. Обвинителството во Париз подоцна соопшти дека Дуров бил приведен на сослушување како дел од случајот отворен на 8-ми јули против неименувано лице под сомнение за 12 кривични дела.
Дуров е роден во Русија и ја основа Telegram со својот брат Николај во 2013 година. Како и другите социјални мрежи и Telegram е кодирана апликација, има близу милијарда корисници и е особено влијателна во Русија, Украина и републиките од поранешниот Советски сојуз.
Рангирана е како една од главните социјални мрежи како што се Facebook, YouTube, WhatsApp, Instagram, TikTok и WeChat. Магазинот Forbesс го проценува богатството на Дуров на 15,5 милијарди долари. Во март 2024 година, Павел Дуров рече дека инвеститорите ја ценат платформата на повеќе од 30 милијарди долари.
Дуров во април годинава изјави дека некои влади се обиделе да извршат притисок врз него, но тој верува дека апликацијата треба да остане неутрална платформа, а не „играч во геополитиката“.
Откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во 2022 година, Telegram стана главен извор на нефилтрирани, а понекогаш и експлицитни и погрешни содржини од двете страни за војната и политиката зад конфликтот. Платформата стана она што некои аналитичари го нарекуваат „виртуелно бојно поле“ во војната, кое силно го користат украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговите функционери, како и руската влада.
Telegram, која им овозможува на корисниците да ја избегнат официјалната контрола, исто така, стана едно од ретките места каде што Русите можат да пристапат до независни вести за војната откако Кремљ ги зголеми ограничувањата за независните медиуми по инвазијата на Украина.
Русија почна да го блокира Telegram во 2018 година, откако апликацијата одби да се усогласи со судскиот налог да им овозможи на државните безбедносни служби пристап до шифрираните пораки на своите корисници. Блокирањето прекина многу услуги од трети страни, но имаше мало влијание врз достапноста на Telegram во Русија. Сепак, наредбата за забрана предизвика масовни протести во Москва и критики од невладините организации.