Односите меѓу Русија и Турција се развиваат прогресивно. Ова денеска го изјави рускиот претседател Владимир Путин за време на преговорите со турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган во Астана.
Рускиот лидер истакна и дека постојано е во контакт со својот колега и со него разменува мислења за состојбите во светот.
За возврат, Ердоган посочи дека ја поддржува телефонската дипломатија со Путин, а исто така го покани рускиот претседател да ја посети Турција во блиска иднина. Шефовите на држави разговараа и за прашањето за изградба на нуклеарна централа.
„Анкара и Москва преговараат за изградба на нуклеарната централа Синоп во Турција. Верувам дека можеме да преземеме сериозни чекори во оваа насока“, рече Ердоган.
Зборувајќи за економската соработка, Ердоган рече дека трговскиот промет меѓу двете земји е на ниво од 55 милијарди долари годишно, но целта е да достигне 100 милијарди. Тој истакна дека руските туристи се важни за Анкара.
Рускиот претседател потврди дека заедничките крупни проекти се реализираат според предвиденото.
Зборувајќи за деталите од средбата меѓу двајцата лидери, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на Канал 1 појасни дека таа ќе трае најмалку еден час. Според него, ќе се разговара за сите прашања од заеднички интерес.
Путин во средата наутро полета за Астана за да учествува на Самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) . Настанот се одржува на 3-4 јули под слоганот „Зајакнување на мултилатералниот дијалог – стремеж кон одржлив мир и развој“.
ШОС е основана во 2001 година. Ги вклучува: Индија, Иран, Казахстан, Кина, Киргистан, Русија, Таџикистан, Пакистан и Узбекистан. Земји набљудувачи: Авганистан, Белорусија и Монголија. Земји партнери: Азербејџан, Ерменија, Камбоџа, Непал, ОАЕ, Турција и Шри Ланка. Како што се очекуваше, на претстојниот самит Белорусија ќе стане полноправна членка на организацијата.
Учесниците на самитот планираат да потпишат пакет од 24 заеднички документи, како и да усвојат завршна декларација и изјава.